Loading Video...
Свет
12. February 2024 - 12:44

Преглед на вестите од светот

Израелската армија објави дека ослободила двајца заложници за време на рацијата на нејзините специјални сили во Рафа во јужниот дел на Појасот Газа. Заложниците биле пренесени во болницата Шеба во централниот дел на Израел, каде што биле прегледани и утврдено е дека се во добра состојба.

Во објава на социјалните мрежи, израелските одбранбени сили истакнаа дека двајца израелски заложници биле спасени од Кибуц Нир Јицак. Според соопштението на армијата, тие биле киднапирани на 7 октомври минатата година во напад на Хамас. Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант на мрежата Икс објави дека станува збор за „импресивна операција за ослободување“. Тој додаде дека акцијата ја следел од Командниот центар заедно со премиерот Бенјамин Нетанјаху и високи воени команданти.

„Фернандо и Луис, добредојдовте дома. Им честитам на нашите храбри борци за храбрата акција што доведе до нивно ослободување. Само континуираниот воен притисок може да доведе до ослободување на сите наши заложници“.

Израелскиот премиер изјави дека Израел нема да пропушти никаква можност да ослободи уште заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа, додавајќи дека израелската армија ќе продолжи со офанзивата до „конечната победа“ над Хамас.

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин е примен на одделот за интензивна нега поради итен проблем и за лекување на рак на простата, објави Пентагон.

По серија тестови и проценки, министерот беше примен на одделот за интензивна нега во Националниот воено медицински центар Волтер Рид за поддршка и внимателно следење. Малку подоцна беше објавено дека Остин ги префрлил своите овластувања на заменичката Кетлин Хикс, која моментално ја извршува функцијата шеф на Пентагон.

Спектаклот Супер бол оваа година донесе возбудувања, како ретко кога досега. Титулата ја одбрани тимот на Канзас сити Чивс, кој во финалето го совлада Сан Франциско 49 со 25:22 по продолжение. Најдобар на мечот беше Патрик Махомс кој беше прогласен за МВП на финалето. За него ова е трет трофеј во НФЛ и второ признание за најдобар играч на Супербоулот. На три секунди до крајот Махомс успешно го пронајде Хардмен кој реализираше тачдаун за победа од 25-22.