Loading Video...
Свет
9. February 2024 - 12:22

Преглед на вестите од светот

Рускиот претседател Владимир Путин на полноќ имаше интервју со американскиот новинар Такер Карлсон. Ова беше првото интервју на Путин со западен новинар од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Причината за разговорот беше апсолутното незнаење на населението во САД, за ​​тоа што се случува во Русија и Украина. Руските медиуми сметаат дека Карлсон имал храброст да разговара со Путин за да се „слушне руската страна на приказната“, а самиот Карлсон ги нападнал своите западни колеги дека само разговарале со Зеленски и го избегнувале Путин.

Големите куќи како Би-Би-Си, Ен-Би-Си и многу други западни медиуми тврдат дека од почетокот на војната во Украина испратиле безброј барања за интервју со Путин, но Кремљ ги одбил.

Карлсон, ја критикуваше американската поддршка за Украина во последните месеци, што беше широко покриена во руските државни медиуми.

„Повеќето Американци не се информирани, немаат поим што се случува во регионот, овде во Русија или на 950 километри во Украина. Тие треба да знаат, бидејќи тие самите го финансираат најголемиот дел од војната“, рече Карлсон во видеото објавено непосредно пред да замине за Москва, наведувајќи ги деталите за причините зошто го барал ова интервју.

Такер Карлсон важи за близок пријател на Доналд Трамп.  

Воениот одговор на Израел во Појасот Газа беше претеран, изјави синоќа американскиот претседател Џо Бајден на прес-конференција во Белата куќа. Тој воедно се залага за хуманитарна помош да стигне до Газа.

Белата куќа објави дека нема да поддржи планови на Израел за големи воени операции во Рафах, во јужниот дел на Појасот Газа, и истакна дека министерот за надворешни работи на САД, Ентони Блинкен, јасно ја изразил загриженоста на САД за таквите операции.

Но на теренот состојбата не се менува.

Најмалку девет лица, меѓу кои деца и жени, загинаа во израелските воздушни напади во текот на ноќта во централниот дел на Појасот Газа и јужниот град Рафах на границата со Египет.

Милитантите на Хезболах пак истрелаа најмалку 30 ракети од Либан кон северен Израел. Засега нема извештаи за повредени, а нападот следел како реакција на нападот на израелско беспилотно летало и притоа загинаа двајца оперативци на Хезболах, вклучително и еден висок командант, во градот Набати во јужен Либан.

Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш предупреди на опасност од хуманитарна катастрофа и последици за целиот регион доколку израелската војска продолжи со офанзивата во Рафах, јужниот дел на Појасот Газа.

Неодамна израелската влада најави офанзива против Рафах, град лоциран на границата со Египет. Пред војната, со околу 200.000 луѓе, а сега таму има повеќе од еден милион Палестинци кои избегаа од борбите од другите делови на Појасот Газа.