Преглед на вестите од светот
Сирените се огласија рано утрово низ Ерусалим како предупредување за претстоен напад од Иран.Израелската војска соопшти дека започнала широк бран напади насочени кон иранската инфраструктура во Техеран.
Тензиите меѓу САД и Иран ескалираат со ултиматумот што истекува на полноќ. Трамп се закани дека ќе ја бомбардира енергетската инфраструктура на Иран доколку не биде отворен Ормутскиот Теснец.
Техеран денеска возврати дека ќе изврши напад над електраните низ целиот Блиски Исток доколку САД ја оствари заканата. Нуклеарната централа Бараках која се наоѓа во пустината на запад од Емиратите, во близина на границата со Саудиска Арабија и Катар е на листата можни воздушни напади на Иран.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте изјави дека повеќе од 20 земји планираат да се приклучат на повторното отворање на теснецот по притисокот од Трамп.
Меѓународната агенција за енергетика се консултира со владите во Азија и Европа за ослободување дополнителни количини нафта од резервите „доколку е потребно“ поради војната со Иран, изјави извршниот директор Фатих Бирол. Членките веќе се договорија да ослободат рекордни 400 милиони барели нафта од стратешките резерви за да се справат со наглиот скок на светските цени. Ова повлекување претставува 20% од вкупните резерви.
Шефот на меѓународната агенција ја започна својата светска турнеја во Канбера, нагласувајќи дека Азиско-пацифичкиот регион е на удар на нафтената криза поради неговата зависност од нафтата и другите клучни производи, како што се ѓубривата и хелиумот, кои поминуваат низ Ормутскиот Теснец.
„Тоа се само 20% од нашите вкупни резерви. Доколку е потребно, можеме да пуштиме повеќе нафта на пазарите, и сурова нафта и деривати. Повторувам, нашето ослободување на резервите треба да ги смири пазарите, но тоа не е конечното решение – тоа само ќе помогне да се ублажи болката врз економијата.“
Загинаа пилот и копилот на авион на Ер Канада Експрес откако авионот се судри со противпожарно возило при слетување на аеродромот Ла Гвардија во Њујорк. Десетици се повредени во несреќата. Во авионот имало 72 патници и четири члена на екипажот. Во противпожарното возило биле полициски службеници, кои според информациите се здобиле со тешки повреди но се вон животна опасност.
Авионот удрил во возилото со брзина од 39км на час според веб страницата за следење на летови Флајтрадар која ги снимила податоците. Аеродромот Ла Гвардија опслужува голем број на американски авиокомпании, засега нема информации колку долго ќе биде затворен.
Владејачкото Движење за слобода на премиерот Роберт Голоб ги доби парламентарните избори во Словенија со тесна разлика пред опозициската партија на Јанез Јанша, покажуваат конечните резултати. Со преброени 99,85% од гласовите, формацијата на Голоб доби 28,62% и 29 места во парламентот. СДС е веднаш зад неа со 28 места, а разликата меѓу двете партии е само неколку илјади гласови.
Во Националното собрание влегоа уште пет партии. Одлучувачката улога во формирањето на владата ќе ја игра партијата Ресница, чиј претседател Зоран Стевановиќ истакна дека нема да коалицира со партијата на Јанша и дека ќе се залага за борба против корупцијата и зајакнување на суверенитетот. Близу 68,5 проценти од гласачите учествуваа на изборите, а нешто помалку од 1,7 милиони словенечки граѓани имаа право на глас.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
