Loading Video...
Свет
1. October 2024 - 12:28

Преглед на вести од светот

По ноќните израелски воздушни напади во јужното предградие на бејрут дахие, утрово беа забележливи облаци од чад. Инаку оваа област е контролирана од хезболах. Израелската војска претходно ги предупреди жителите на евакуација во близина на зградите за кои рече дека ја содржат инфраструктурата на Хезболах.

Израелската војска утрово соопшти дека започнала „ограничени, локализирани и насочени копнени напади врз основа на прецизни разузнавачки информации“ против Хезболах во јужните либански села блиску до границата што претставува „непосредна закана за израелските заедници во северен Израел“. Експлозии утрово се слушале и во близина на меѓународниот аеродром Бејрут.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин имал разговар со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант. Двајцата се согласиле за неопходноста од демонтирање на нападната инфраструктура долж границата за да се ообезбеди дека либански Хезболах не може да изврши напади како од 7 октомври врз северните заедници на Израел. Остин потврди дека е потребна дипломатска резолуција за цивилите да можат безбедно да се вратат во своите домови од двете страни на границата, соопшти министерството за одбрана.

Во изминатите 24 часа, најмалку 95 лица се убиени, а 172 се ранети во израелските напади врз јужните региони на Либан, источната долина Бека и Бејрут, соопшти денеска либанското Министерство за здравство.

Седница на албанскиот парламент вчера траеше само 15-тина минути, поради хаосот што го предизвикаа опозициските демократски пратеници, па претседателката Елиса Спиропали мораше да ја прекине.

Тие ја блокираа собраниската говорница, фрлаа со разни предмети кон Спиропали, упатуваа навреди. Подоцна ги извадија столчињата на кои седат во салата, пред собраниската зграда, ги полеаја со бензин и ги запалија.

Ваква тензична атмосфера во албанскиот законодавен дом не се новина. Претходно речиси цела година седниците беа прекинувани по само десеттина минути од почетокот и во хаос изгласувани документи само со гласовите на владејачкото мнозинство.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека ситуацијата на фронтот е „многу предизвикувачка“ и дека армијата мора да направи сè што може во следните месеци. Најважно е да изврши притисок врз Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин нареди да се регрутираат нови 133.000 војници во есенското регрутирање, кое започнува на 1 октомври и трае до крајот на годината, а според шефот на канцеларијата за регрутирање, регрутите нема да одат на боиштата во Украина.

На свечена церемонија во седиштето на НАТО во Брисел денеска ќе се одржи примопредавање на должноста генерален секретар на Алијансата меѓу досегашниот вршител на ова функција Јенс Столтенберг и неговиот наследник Март Руте. Со одржувањето на церемонијата, поранешниот холандски премиер Руте и официјално ќе ја преземе должноста генерален секретар на НАТО со мандат од пет години.