Loading Video...
Свет
3. July 2024 - 12:16

Преглед на вести од светот

Белата куќа соопшти дека не е неопходен когнтивен тест за американскиот претседател Џо Бајден, наведувајќи дека тој се уште може да биде кандидат за реизбор на оваа функција.

Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, на прес-конференција рече дека нема апсолутно ништо скриено за здравјето на Бајден, а притоа и призна дека Бајден „немал сјајна ноќ“ за време на телевизиската дебата со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп. Како една од причините наведоа дека имал патувања, а бил и настинат за време на дебатата. Белата куќа соопшти дека се очекува Бајден да се сретне со демократските гувернери и лидерите на Конгресот, откако некои од нив побараа средба со претседателот.

Без постигнати резултати е завршена средбата во рамките на дијалогот меѓу двајцата главни преговарачи на Косово и на Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ и пратеникот на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, пренесува Радио Слободна Европа.

Петковиќ, рекол дека разговорите биле тешки и дека српската делегација инсистирала на формирање Заедница на српски општини и за нормализирање на односите, но дека Бесник Бислими одбил да разговара за нацртот, додека за Бислими, ова е уште еднаш средба на која српската страна потврдила дека нема да ги спроведат сите елементи од договорот за патот кон нормализација на односите, што лидерите го постигнале минатата година во Брисел и во Охрид. Во текот на летниот период нема да има средби.

Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа на палестинските бегалци процени дека 250.000 лица ќе бидат принудени да ги напуштат Кан Јунис и Рафах , откако израелските власти издадоа нова наредба за евакуација на градот.

Евакуацијата се однесува на околу една третина од Газа, изјави портпаролот на Агенцијата ОН Стефан Дужарик. Инаку, Израелската армија во своето соопштение објави дека „е извршен воздушен напад врз терористичка ќелија во Нур Шамс на Западниот брег, додека тие поставувале експлозивна направа“ – убиени се четворица Палестинци.

Најмалку шест лица загинаа, а пет се водат како исчезнати откако ураганот Берил го погоди југоисточниот дел на Карибите и почна да се движи кон Јамајка.

Три лица загинаа во Гренада, едно во Сент Винсент и Гренадини, додека двајца загинаа во северна Венецуела, каде пет лица се водат како исчезнати, соопштија официјални лица. Во сила е предупредувањето за ураган за Јамајка, како и Кајманските Острови. Берил е ослабен, но се прогнозира дека се уште ќе биде со јачина на ураган кога ќе треба да помине близу или над Јамајка, утре во близина на Кајманските острови и во петок над мексиканскиот полуостров Јукатан, соопшти американскиот Национален центар за урагани.