Преглед на вести од светот
Бугарија повторно на избори в недела. Покрај европските избори кои се одржуваат ширум Европската унија, во Бугарија ќе се гласа и на предвремени парламентарни избори – шести за само три години.
Фаворит на изборите е ГЕРБ на Бојко Борисов за кого се очекува да освои 24 до 25% од гласовите. Деснолиберално-конзервативниот сојуз „Продолжуваме со промената – Демократска бугарија“ според проекциите се очекува да освои 15 до 16 проценти. На изборите во последните три години излезноста претежно беше околу 40%. И сега очекувањата се да има слична излезност, иако анкетите покажуваат дека може да се очекува излезност и до 48%. ГЕРБ е партијата која се очекува да профитира најмногу од ниската излезност.
Бугарија во последните години е во политичка криза бидејќи не може да формира стабилна Влада. Во последните десет месеци на власт беа ГЕРБ на Борисов заедно со „Промените продолжуваат – демократска Бугарија“. По растурањето на коалицијата во март годинава сега е малку веројатно дека е можно повторно Бгуарија да добие таква коалиција. Бугарските аналитичари сега сметаат дека Борисов би можел да формира влада со Партијата на Муслиманите.
Меѓународен притисок врз Косово за спроведување на нацртот на Заедницата на српски општини. Портпаролот на ЕУ, Петер Стано во изјава за косовски медиум вели дека Брисел јасно и ставил до знаење на Приштина дека очекува да го испрати нацртот до Уставниот суд на евалуација, но и дека очекува Косово брзо да реагира по ова прашање и да стави крај на одложувањата во исполнувањето на своите обврски.
Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховиниер, пак, вели дека САД би сакале Косово да покаже поголем степен на соработка и оти Србите на Косово треба да се живеат во достоинствени и безбедни услови.
Во интервју за Гласот на Америка рече дека Заедницата на српски општини нема сличности со Република Српска. САД и натаму остануваат посветени на Косово, но според амбасадорот, одредени политички избори на премиерот Курти претставуваат предизвик.
Русија и Украина ги продолжуваат битките, но сега главно со беспилотни летала. Во текот на ноќта Москва и Киев размениле напади со дронови, но двете страни соопштија дека ги собориле поголемиот дел од беспилотните летала.
Русија гранатираше село во областа Херсон каде според извештаите од западните медиуми убиени се 22 цивили, а 15 се ранети.
Во меѓувреме, Њујорк пост пишува дека НАТО се подготвува за можна копнена војна со Русија. Според медиумот, НАТО планира „копнени коридори“ за да им овозможи на американските трупи и другите сојузнички сили побрзо да стигнат до фронтот во случај на поширока европска копнена војна со Русија.
Ова доаѓа по предупредувањето на челниците на НАТО на почетокот на оваа година, во кое се повикуваат западните влади да се подготват за целосна војна со Русија во одреден момент во следните 20 години.
Тензиите меѓу Западот и Русија се зголемија откако САД и Германија и дадоа зелено светло на Украина да го користи своето оружје за да нападне цели на руска територија. Рускиот претседател Путин веќе предупреди дека може Москва може да обезбеди оружје со долг дострел на своите сојузници за употреба против западни цели. Рече и дека Москва ќе употреби нуклеарно оружје доколку нејзиниот авторитет биде загрозен.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар