Прегласувањето во Теарце тече мирно без инциденти
Краткиот прекин поради нефункционирањето на УВ ламбите и нивната замена беше единствениот проблем со кој се соочија членовите на избирачкото место 2011 во тетовско Теарце, каде денес имаше прегласување по изборниот ден на 11 декември. Проблемот со ламбите се случи околу еден и пол час по почетокот на гласањето.
“Гласачкото место беше во отворено точно во 7 часот. Во 8.30 часот имавме мал проблем со УВ ламбите. 15 минути го прекинавме гласањето, за тоа беше известена општинската изборна комисија. Се утврди проблемот. Се отстрани, за 15 минути започна повторно гласањето. При примање на материјалот имавме две УВ ламби, а започнавме со едната. Настана некој дефект со неа. Ја зедовме другата УВ ламба. Истото и со неа се случи но за 15 минути се поправи. И од државната изборна комисија која беше известена беа донесени други УВ ламби и ги променивме. И гласањето продолжи”, изјави Татјана Чуприна, заменик претседател на избирачкото место 2011.
Граѓаните не се соочија со други проблеми при гласањето. Во избирачкото место 2011 во објектот на основното училиште право на глас имаат 714 жители на Теарце.
Гласањето во Теарце го следеа претставници на политичките партии, голем број новинарски екипи од земјата како и од странство, набљудувачи од разни организации, а во селото и на патот до таму забележливо беше поголемо присуство на полицијата
-

Александар Самарџиев
Сите содржини од овој новинар
