Предвремени парламентарни избори во Грција

Од седум часот утрово по локално време отворени се гласачките места низ цела Грција на кои речиси 10 милиони Грци гласаат на предвремените парламентарни избори.
Гласачките ќе бидат отворени 19 часот по локално време, а традиционално веднаш по затворањето медиумите во соработка со агенциите за рејтинг ќе објават предвидување на изборниот резултат, односно т.н exit polls, кои доста често го најавуваат победникот.
Првите официјални резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција, кое е и надлежно за пребројувањето на гласовите, се очекува да бидат соопштени околу 21 часот по локално време.
За парламентарните избори, Грција е поделена во 59 изборни единици, во кои што се одбираат 288 од 300те пратеници колку што брои грчкиот Парламент. Останатите 12 се на листа која важи за целата земја.
Денешните избори се и последни на кои партијата победник ќе добие бонус 50 пратенички места, бидејќи согласно промените во изборниот законик изгласан на 22 јули 2016 во Грција се воведува пропорционален модел и се укинува бонусот за првата партија. Изгласаните промени, тогаш не го добија потребното двотретинско мнозинство од Парламентот, па така ќе стапат во сила на вторите избори по нивното усвојување, односно не на овие, туку на следните избори, кога и да се одржат.
Вкупно 20 партии учествуваат во трката, а една партија за да влезе во грчкиот Парламент потребно е да добие минимум 3% од гласовите. Во зависност од тоа колку мали партии ќе обезбедат место, така и се распределува бројот на пратеници. Односно, помалку партии повеќе пратенички места за победникот и обратно.
На минатите парламентарни избори во септември 2015 учество зедоа 19 партии, а осум од нив обезбедија место во Парламентот. СИРИЗА беше победник со 35.46% и доби 145 пратенички места, зад неа беше Нова демократија со 28.09% и 75 пратеници, а потоа следеа Златна зора со 18, коалицијата на ПАСОК со 17, Комунистичката партија 15, Река 11, Независни Грци 10 и Сојуз на централисти 9 пратеници.
Река и Независни решија воопшто и да не учествуваат на овие избори.
Согласно грчкиот Устав, партијата што ќе освои најголем број гласови и ќе победи на изборите, во понеделник, од претседателот на земјата ќе добие 72часовен мандат за формирање влада. Доколку не успее да формира влада, го враќа мандатот, кој потоа го добива втората и на крај третата партија, доколку и вториот обид е неуспешен.
Ако ниту една од трите партии не успее да формира влада, тогаш претседателот на државата свикува лидерска средба, а ако ни таа не донесе
резултат, се распишуваат нови парламентарни избори, како што беше случај пред седум години, во јуни 2012.
Доколку се потврдат предвидувањата на грчките агенции за рејтинг и Мицотакис добие доволен број на гласови за формирање еднопартиска влада, тогаш, како што самиот најави во интервјуата за медиумите, неговата влада е веќе подготвена, знае кои ќе бидат министри, а свечена заклетва ќе положат во вторник.
Новоформираниот Парламент ќе се отвори на 17 јули со свечена заклетва на новите пратеници, следниот ден ќе се гласа новиот претседател на Парламентот, а потоа и презентирање на владината програма и гласање доверба на новата влада.
За прв пат во поновата грчка историја, граѓаните во јули ќе гласаат на предвремени парламентарни избори, но сепак посетувањето на гласачко место на средина на лето и не е толку непознато за Грците, со оглед на тоа дека референдумот пред четири години се одржа на 5 јули.
За изборите во Грција акредитирани се околу 320 новинари,фоторепортери, сниматели, а во салата за конференции Запио во центарот на Атина ќе работи и прес центар за следење на изборниот процес.
Ново на Сител
-

Мицкоски: Влашката заедница има значаен придонес во градење на македонската држава
-

Администрацијата на Трамп воведува ново правило за аплицирање за „Зелена карта“
-

Реал Мадрид втор финалист во Евролигата
-

Муцунски: Во Западен Балкан сè уште постојат безбедносни ризици, регионот и понатаму треба да биде во фокусот на НАТО
-

Сиљановска Давкова: Треба да сме горди како единствената држава во којашто Власите се уставен етнички ентитет, рамноправен со другите
-

Најниска температура изутринава на Попова Шапка, највисока во Гевгелија
-

Студентите во блокада во Србија организираат протест во Белград
-

Универзитетот Оксфорд развива вакцина против ебола за справување со епидемијата
