Македонија
17. јуни 2020 - 16:49

Предизборно се заострува реториката меѓу власта и опозицијата

Власта и опозицијата ја почнаа трката за гласови за изборите на 15 јули. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со реторика дека токму тие се вистинскиот избор за опстанок на државата, додека гласот за нивниот опонент е глас за  поразувачки политики за и граѓаните и државата.

Кај владејачката партија изборот е меѓу напредок или изолација.

„Со силна поддршка од граѓаните на исправните политики на СДСМ, деструктивните обиди за блокирање и кочење на напредокот од страна на ВМРО-ДПМНЕ не успеаја. Нема да им успеат ниту обидите за враќање на државата назад во времињата на режим и изолации.СДСМ била отсекогаш и останува на страната на напредокот, додека ВМРО-ДПМНЕ секогаш била на спротивната страна. На страната на режимот, на страната на криминалот, на страната на манипулациите“.

Кај опозициската партија пак, изборот е меѓу обнова или измама.

„Трите години хибриден режим на Заев ја осиромашија Македонија , ја клекнаа на колена со погазено достоинство да се дави во криминал, корупција и сиромаштија. Изборот е јасен, обнова или измама, Македонија или ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев. Она што е важно е дека ние сме поинакви од него, ние знаеме и можеме да ја исправиме Македонија и гордо да зачекориме кон напредокот. Обновата на Македонија никој не може да ја сопре“.

Од ДУИ пак, бараат партиите да дадат завет „беса пред граѓаните“ дека избраните пратеници во следното Собрание, ќе дадат доверба на парламентарното мнозинство кое ќе ја прифати идејата за премиер Албанец ипокрај тоа што СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ ја одбија понудата.

Од Алијансата на Албанците пак,велат дека понудата на ДУИ е само за кревање на сопствениот рејтинг. Бараат да се отворат границите за ислениците без потреба од тест за коронавирусот.