Македонија
21. September 2022 - 12:21

Православните христијани празнуваат Мала Богородица

Празникот посветен на денот на раѓањето  на мајката Божја одбележан во манастирот во Вељуса. Празнични литургии, колони од народ кои чекаат да се поклонат пред иконата на Пресвета Богородица  и стотици запалени свеќи за здравје, ваква беше сликата во  еден од најстарите манастири во Македонија. Празнувањето започна синоќа со целовечерното бдение и служба посветена на Пресвета Богородица, а продолжи во текот на денешниот ден.

Отец Стоил од струмичката православна епархија вели дека се работи за празник чие значење тешко може да се опише со зборови  бидејќи Богородица најдобро се објаснува со молчење.

Годинава во чест на Богородица во Вељуса пристигнаа верници од целиот струмички регион, но и од другите градови од државата. За сите нив овој празник е посебен, а посетата на манастирот чувство кое треба да се доживее.

Празникот посветен на раѓањето на Богородица или во народот познат како Мала Богородица во селото Вељуса има долга традиција и се одбележува како слава на селото, но откако се  востанови монашкиот живот во манастирот, одбележувањето започнува ноќта пред празникот со целовечерно бдение, а завршува со литургија и света причест. После две години пауза поради пандемијата годинава во манастирот повторно беше подготвена и традиционалната трпеза за  сите присутни верници.