Македонија
13. March 2023 - 14:58

Пратениците расправаат по Годишниот извештај на Народниот правобранител за 2021 година

Собранието денеска продолжи со работа по 71. седница, на која пратениците го разгледуваат Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2021 година. 

Народниот правобранител Насер Зибери во обраќањето на седницата апелираше до пратениците, Годишниот извештај заедно со предлог-мерките кои што ги утврдува Собранието на пленарна седница да се разгледаат на пооптимален рок.

- Како што се гледа од Извештајот на матичната Комисија, Извештајот е разгледан во април и почетокот на мај лани. Набргу ќе дојде и Извештајот за 2022 година и за тоа расправата за 2022 година ќе станат стари, а мерките кои што согласно Законот за народниот правобранител ги утврдува Собранието и ги доставува до Владата за надлежно постапување, стануваат несоодветни заради заостанато време за кое што се разгледува. Се надевам дека Собранието за Извештајот за 2022 година ќе има сила навреме да се разгледа било од Собранието, било од Комисијата, за да можат да се преземаат мерки за наодите констатирани од Народниот правобранител, рече Зибери.

Со констатацијата на Зибери се согласи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој смета дека пропустот во доцнењето со разгледување на овој извештај е и кај неговата институција и кај Собранието.
- Се согласувам со вас дека треба побрзо да се разгледа овој извештај, затоа што доаѓа и другиот. Но, сметам дека пропустот е и во вашата институција и кај Собранието што се доцни со разгледувањето на овие извештаи и потоа истите остануваат нерелевантни бидејќи сега го разгледуваме Извештајот за 2021 година, а веќе навлегуваме во пролетниот дел од 2023 година. Во Извештајот таксативно добро се наброени сите работи кои што Народниот правобранител ги преземал, изјави Милошоски.

Тој посочи дека од документот на Народениот правобранител е видлива констатацијата што се гледа и од анкетите на јавното мислење на граѓаните кои се однесуваат на правосудниот систем.

- Тука гледаме дека и кај Народниот правобранител дури една третина од претставките кои што доаѓаат во текот на 2021 година биле за постапките на правосудството и за постапките на извршителите. Тоа е уште еден доказ дека сондажите на јавното мислење каде што се покажува дека само четири проценти постои доверба во судството или во обвинителството и во реалниот живот на поплаки и потреби од нерешени или нарушени човекови права кои што стигнале како претставки кај Народниот правобранител го потврдуваат истиот податок на немање во правосудството и кај извршителите, рече тој.

Милошоски го праша Народниот правобранител дали тој имал каква било можност по сопствена иницијатива за случајот на Јилдиз Веапоска да го разгледа и да покрене некакви постапки, кои што можат на оштетената да и помогнат да се избори за заштита на своите права и барем да добие морална поддршка од оваа институција.

Зибери оговарајќи му на Милошоски информира дека на почетокот на 2023 година странката сама се обратила со претставка до институцијата и случајот е во постапка.

- Во институцијата Народен правобранител во областа на здравствената заштита по сопствена иницијатива се покренати три предмети, меѓу кои и за конкретниот, меѓутоа согласно член 23 од Законот за Народен правобранител, постапката пред Омбудсманот ќе се прекине, односно запре доколку странката отвори судски случај. На почетокот на 2023 година странката сама се обрати со претставка до институцијата и случајот е во постапка, потенцира Зибери.

На забелешката за задоцнување на разгледувањето на Извештајот, спикерот Џафери информира дека денеска е 11-ти ден на продолжувањето на оваа седница и сето тоа се случува поради тоа што, како што рече, ненавремено ги завршуваат своите обврски работните тела на оваа Собрание.

- За потсетување на јавноста оваа седница е отпочната на 10.5.2022 година. За иронијата, се совпаѓа со денот кога опозицијата одлучи да го блокира Собранието. Денеска е 11. ден што работиме по оваа седница. Со оваа седница е работено на 10.5, 11.5, 12.5, 23.5, 25.5, 27.6, 25.7, 27.7, 29.7, 28.10 и денеска 13.3.2023 година, а се поради тоа што ненавремено си ги завршуваат своите обврски работните тела на оваа Собрание. И денеска нема да заврши оваа седница, затоа што има последователни точки кои што се уште не се разгледани по комисиите и тоа не може да се заврши додека таму не завршат работите, рече Џафери, кој даде пауза и продолжението на седницата го закажа за 15 часот.

На пладне, Собранието денеска ја продолжи и 51. седница, со Предлог на законот за адвокатурата, во прво читање, но спикерот Талат Џафери ја прекина седницата поради немање услови за расправа по овој предлог-закон.