Македонија
21. December 2018 - 16:09

Пратениците подготвуваат закон со кој ќе имаат предност при вработување по истекување на мандатот

Предност при вработување во јавна админситрација да добијат пратениците на кои ќе им заврши пратеничкиот мандат. Ова, според неофицијални информации, е  дел од нов закон за подобрување на статусот на нардоните избраници по истекот на нивниот мандат.

Законското решение го изготвува собраниската работна група за реформи. Иако се тврдеше дека ова тело ќе  ги подготвува законите неопходни за преговори со Европската унија, сепак пред нејзе се најде и овој закон. Идејата е на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, а е поддржана од СДСМ и ДУИ и тоа непосредно пред конечното гласање на Уставните измени и законите за кои е потребно двотретинско мнозинство.

Од Реџаил Исмаили, претседавач на групата за реформи потврдува дека се подготвува вакво решение, но не сакаше да открие какви привилегии се планираат за поранешни пратеници.

Оваа група ќе треба да го изготви и законското решение за идниот статус на Специјалното јавно обвинителство. Во игра се три предлози.

Владата предлага СЈО да стане посебно обвинителство во рамките на Јавното обвинителство на Република Македонија. Според предлогот на Катица Јанева потребно е СЈО да продолжи самостојно со неограничен мандат.  8-темина излезени од Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ предлагаат, пак СЈО да се претопи во обвинителството за организиран криминал и корупција.

Групата за реформи работи на 30-тина законски решенија,. До средината на наредната недела се очекува да бидат поднесени поголем број на закони, вклучително законот за судови, судски совет, финансова полиција.

ВМРО-ДПМНЕ не учествува во групата за реформи, но од таму се надеваат дека ќе ги гласаат овие закони.

До Нова година пратениците имаат две закажани седници: за обраќањето на претседателот Иванов и за пратенички прашања. Поради реформските закони во последната недела од годинава веројатно ќе биде закажана и уште една седница.