Пратениците го запреа растот на функционерските плати, судиите и обвинителите се незадоволни
Пратениците ги изгласаа законските измени за стопирање на растот на функционерските плати. Намалени се коефициентите за пресметка на плата во 6 закони. Откако вчера беше изгласана потребата од нивно донесување по скратена постапка, сите закони експресно брзо ги поминаа комисиските филтри, без дебата и амандмани, и по нецели 24 часа се најдоа на финално гласање. Ниту на денешната седница пратениците не беа расположени да дебатираат, па без многу врева ги пристиснаа зелените тастери за сите закони.
Предлозите влегоа во Собрание пред два дена од пратеничката група на СДСМ кои рекоа дека со намалување на коефициентите, над илјада функционери нема да добијат повисока плата со порастот на просечната. Сепак функционерите си го задржаа ланското покачување од 78% со одлука на Уставниот суд.
Реакции пристигнаа уште пред гласањето. Први реагираа од здружението на судии кои се пожалија дека им било ветено зголемување, а не намалување на коефициентите и најавија дека ќе ги искористат сите можности за да ги сузбијат измените.
По нив, се огласи и здружението на јавни обвинители.
„Постоењето на посебни закони за плати на јавните обвинители во кои е наведена забрана за какво било намалување на платите со измени во закон, треба да ја гарантира независноста на јавните обвинители во вршењето на функцијата. Примањата по основ на плата се единствени приходи на јавните обвинители, имајќи ги предвид законските ограничувања за вршење на каква било друга дејност“.
Со законските измени не се согласува ниту судскиот совет.
„Со интервенција во закон во кој е загарантирана платата на судијата, со недостаток на финансиски средства за исплата на додатоци на плати за вработените во судството, незголемување на платите на вработените во судството, неодобрување на сите побарани согласности за нови вработувања, директно се влијае врз нормалното функциониране на судовите и на независноста и самостојноста на извршување на судскта власт“.
Незадоволна е и администрацијата низ судовите. Се жалат дека уште немаат земено додаток на плата.
„Ние, Независниот синдикат на судска служба, уште еднаш сме приморани да реагираме во врска со случувањата во Судскиот буџетски совет, врзано со одлуката за обезбедување средства за исплата на додатоци на плата за судската администрација, од каде што има неформални најави дека од страна на Министерството за финансии не се дава согласност за истиот додаток. Апелираме Судско-Буџетскиот Совет да изнајде начин за продолжување на исплата на додатоци на плата на судската служба“ – Јасмина Величковска, Независен синдикат на судска служба
На истата седница кога била одложена одлуката за додаток на плата за административците, судско буџетскиот совет го усвоил барањето за исплата на к-15 за три години на судија од битолскиот основен суд иако тој е избран функционер. Според синдикатите, ова значи дека сите функционери ќе може да добијат к-15 оти сите се вработени во државните институции и таму им тече стаж.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар