Пратенички прашања на дневен ред во Собранието
Во врска со следното прашање од Ѓорчев за полнење кутии на референдумот на 30 септември, Заев рече дека институциите треба да постапат со закон и оти доколку имало такви појави, треба да има казни и одговорност.
– Ниту поддржувам ниту сакам во мојата земја да се случуваат вакви можни, засега инсинуации, поврзани со правото на определбата на граѓаните. Секогаш сум ги осудувал и повторно ги осудувам. И се што е досега пријавено е процесуирано. И уште еднаш апелирам до институциите кои не се под моја надлежност, обвинителства, истражни органи, да постапат по закон, ако сакаме да отстраниме евентуално постоење вакви аномалии во државата, му одговори Заев на Ѓорчев.
Според Заев, референдумот бил дефиниран како консултативен и оти немало никаков мотив да се покажуваат фиктивни бројки.
– Референдумот од наша страна беше дефиниран како консултативен. Не сме имале никаков мотив, ние сакавме само да знаеме, оној граѓанин што одлучил да гласа, да излезе доколку сака да учествува во тоа и да го даде правецот на државата. Зошто би ни било потребно да покажуваме фиктивни бројки. Секој треба да си носи одговорност во државата, посебно за дела поврзани со изборите, каде што врвното демократско право да бираш или да бидеш биран, во овој случај преку референдум, може да биде доведено во прашање. И после ќе се чудиме зошто граѓаните се демотивирани да излегуваат на избори, рече Заев.
Премиерот апелираше до сите институции, особено до МВР, да постапат строго по закон и секаде каде што постојат докази за ваквата работа да има казни и одговорност согласно законот.
Пратеникот Ѓорчев на тоа реплицираше дека еден месец од институциите нема никаква реакција.
– Дали е нормално да имаме одѕив 96 проценти од кои 80 отсто гласале само за половина час. Не е нормално 500 ливчиња да бидат уфрлени за половина час. Вие ни велите нормално е гласањето да трае пет секунди. Зборуваме за 50.000 ливчиња за десетици избирачки места. Заклучокот е поразителен за демократијата во Република Македонија, рече Ѓорчев, реагирајќи на одговорот од премиерот Заев.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
