Позитивни реакции за одлуката на Светиот синод на БПЦ
Одлуката на Светиот синод на Бугарската православна црква да се ангажира и застапува пред помесните православни цркви за востановување на канонскиот статус на Македонската православна црква предизвика позитивни реакции и во црковните и во световните кругови во двете земји.
Таа следува по писмото што на 9 ноември Македонската православна црква - Охридска архиепископија го прати до Бугарската православна црква во кое се бара признавање на афтокефалноста на македонската црква и евхаристиско единство со бугарската црква.
- Светиот Синод одлучи дека, со оглед на тоа што Македонската православна црква (МПЦ) ја признава Бугарска православна црква - Бугарска патријаршија за своја Мајка-црква, БПЦ со чувство за својата света должност, ја прифаќа одговорноста да покаже целосно содејство, со тоа што ќе посредува и ќе се застапува пред помесните православни цркви, преземајќи се што е неопходно за востановување на канонскиот статус на МПЦ, стои во одлуката од Светиот синод на БПЦ.
Во одлуката се додава дека Бугарската православна црква - Бугарска патријаршија, никогаш не била рамнодушна кон страдањата на Македонската православна црква.
Светиот синод на БПЦ одлучи да формира Синодска архиерејска комисија за преговори со МПЦ и останатите помесни православни цркви што ќе ја сочинуваат Старозагорскиот митрополит Кирпијан како претседател и Ловчанскиот митрополит Гаврил, Пловдискиот Николај, Западно и Средноевропскиот Антониј, Варненскиот Јован, Неврокопскиот Серафим, Русенскиот Наум и Врачанскиот Григориј. како членови на Комисијата.
Во врска со одлуката на Светиот синод на Бугарската православна црква, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) преку соопштение изрази благодарност до бугарскиот патријарх Нефит и до членовите на Светиот архиерејски синод на Бугарската православна црква.
- Донесеното решение на САС на БПЦ дава надеж за конечно решавање на статусот на легитимната автокефалност на Македонската православна црква во семејството на Помесните православни цркви. Очекуваме, и во иднина, Бугарската православна црква на МПЦ-ОА да и биде постојан сотрудник во остварувањето на потребната богоугодна цел, се наведува во соопштението од МПЦ-ОА.
Од МПЦ-ОА посочуваат дека двете цркви имаат одговорност пред своите едноверни, благочестиви и православни народи кои споделуваат мноштво заеднички христијански вредности низ вековниот опстој.
Бугарскиот патријарх Неофит, пак, претходно истакна дека решението за Македонската православна црква (МПЦ-ОА) се бара толку многу години, па затоа е сложено и треба многу добро да се осмисли. Според него, ова прашање треба многу добро да се осмисли, а решението да се донесе со мнозинство и сите православни цркви да имаат јасна претстава за прашањето за автокефалноста, што не беше разгледувано на минатиот Сеправославен собор на Крит.
Одлуката на Бугарската православна црква да го води и помага целиот процес за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ја поздрави и премиерот Зоран Заев и ја оцени како исклучително позитивна.
- Како православен верник сум радосен, но уште еднаш ќе повторам Македонија е секуларна држава. Ние не сакаме да се мешаме во односите меѓу црквата, но оваа порака е исклучително позитивна и можам само да ја поздравам затоа што дефинитивно правиме напредок и во делот на признавањето на нашата македонска православна црква, рече Заев, запрашан за коментар за одговорот на БПЦ писмото на МПЦ-ОА.
Тој изрази надеж дека и другите православни цркви ќе го следат примерот.
- Среќен сум што градењето на пријателство дава резултати. Тоа е само уште една потврда дека треба да продолжиме да градиме пријатели, додаде Заев.
Ново на Сител
-
Тројца мажи осудени за обид за уцена на семејството на Михаел Шумахер
-
Зеленски: Имав значаен разговор со Трамп, заеднички работиме на крај на војната
-
Храната како психолошка зависност | Теодора Делиќ | Личен Развој | Sitel Podcast 082
-
Србија: Уапсени 15 лица, меѓу кои и градоначалникот на Обреновац поради злоупотреби во јавни набавки
-
Трамп разговараше со Зеленски веднаш по разговорот со Путин
-
Врнежи од снег на планинските превои, да се вози внимателно
-
Амбасадорот на Саудиска Арабија: Нема алкохол на Светското првенство во 2034 година
-
Инцидент на дива депонија во Шуто Оризари: Инспектор од Град Скопје пријавил закани од градоначалникот