Македонија
8. February 2023 - 12:57

Пожарникари од Куманово заминуваат за Турција за помош и поддршка на загрозеното население

Петмина пожарникари во возила и опрема денеска заминуваат за Турција за да помогнат во справувањето со последиците од катастрофалниот земјотрес, соопштија денеска надлежните од Територијалната противпожарна единица Куманово.

Командирот на ТППЕ, Дејан Илиевски рече дека нивна екипа заедно со возило и опрема тргнуваат денеска кон Турција.

-Имаат завршено обука за урнатини, конкретно за земјотреси. Верувам дека колегите ќе дадат максимум од себе, за да помогнат на загрозеното население, изјави Илиевски.

Пожарникарот што заминува во Турција, Душан Цаневски кој претходно беше прогласен и за најуспешен пожарникар, рече дека ќе се потрудат максимално да помогнат, да спасат живот.

-Важно е да помогнеме, изјави Цаневски.

И градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски информира дека пет пожарникари од Куманово со возило и опрема заминуваат да помогнат во реонот зафатен од земјотрес во Турција.

Во објавата, Димитриевски потсети дека на вчерашната вонредна седница на Советот, едногласно беше прифатен неговиот предлог за доделување на парична помош од Буџетот на Општина Куманово за настраданото население од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија.

-Средства во износ од 1.000.000 денари ќе бидат распоредени по 500.000 денари на двете држави, наменети за настраданото население од земјотресот кој се случи на 06 февруари 2023 година. Општина Куманово во духот на хуманоста и солидарноста ќе продолжува да помага на сите народи и држави во вакви исклучително тешки моменти согласно можностите, истакна Димитриевски.