Свет
23. October 2017 - 12:23

Повторно објавени деталите од вечерата меѓу Меј и Јункер

Франкфуртер Алгемајне Цајтунг (ФАЗ) објави детали од вечерата меѓу претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер и британската премиерка Тереза Меј, во кои се тврди дека Меј го молела Јункер за помош во преговорите за излегувањето на Британија од Европската Унија.

„Меј изгледаше обесхрабрено, без сила да се бори против лидерите на својата Конзервативна партија, ненаспана, со темни кругови под очите, падната со духот“, се само некои од описите кои се користат во 

Работната вечера се одржа неделава во Брисел. Според ФАЗ, Меј го молела Јункер да и помогне да издејствува двогодишен период во кој Британија би се прилагодувала на ново-воспоставените односи со Европската Унија, по напуштањето на ЕУ. Брисел и Лондон преговараат за прашањата од заеднички интерес, меѓу кои е статусот на државјаните на ЕУ во Британија, британскиот пристап до европскиот пазар и преостанатите британски финансиски обврски кон ЕУ. ЕУ неодамна соопшти дека преговорите не напреднале доволно за да се прејде во следната фаза, во која би се разговарало за односот по Брексит. ФАЗ пишува дека за време на вечерата Меј го молела Јункер да дозволи преговарачот Мишел Барние да добие дополнителен мандат и да се отворат преговори за транзициски период од две години, во кој постепено би се имплементирало договореното и би се воспоставувале новите односи меѓу Британија и ЕУ. Претходно Меј имаше средби со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, а по неуспехот на овие разговори, пишува ФАЗ, решила да побара поддршка од Јункер.

Ова е втор случај содржината на разговорот меѓу Меј и Јункер да биде објавен во јавноста, и тоа во германски весник, и притоа да се фрли крајно непријатна светлина врз британската премиерка. Во мај годинава Меј беше претставена како личност која „се залажува самата себеси“, „живее во друга галаксија“ и „не ја сфаќа опасноста по Британија од напуштањето на Европската Унија“.  И тогаш и сега, сомнежот за објавувањето на овие детали од приватните разговори падна врз Германецот Мартин Селмаер, влијателниот шеф на кабинетот на Јункер. Селмаер денеска преку твитер негираше дека тој е човекот кој ги објавува деталите од приватните разговори и состаноци меѓу Меј и Јункер во германските медиуми.