Македонија
24. July 2015 - 16:28

Повелба на Република Македонија за Црвениот Крст

Благородната мисија на Црвениот крст е особено важна денес кога живееме во време на предизвици, воени конфликти и климатски промени. Време на прогонети, на емигранти и бегалци кои секојдневно ги губат сопствениот дом и татковина, истакна претседателот Ѓорѓе Иванов кој денес го награди 7-децениското хуманитарно работење на Црвениот крст на македонија. Со признанието „Повелба на Република Македонија“, Иванов им се заблагодари на илјадниците волонтери за секој хуман гест и за секој спасен живот.

„Генерации волонтери на Црвениот крст на Република Македонија веќе седум децении ни даваат пример за тоа како да се однесуваме кон најголемата вредност од сите – човечкиот живот. Црвениот крст е секогаш подготвен да помогне реактивно, но и да соработува со другите општествени и институционални чинители кои треба да се подготвени да дејствуваат превентивно. Положувајќи го тестот на хуманоста и пожртвуваноста, Црвениот крст на Република Македонија се стекна со довербата на македонските граѓани, и стана нивна продолжена рака на солидарност“ рече претседателот Ѓорѓе Иванов.

Во изминативе 70 години, Црвениот крст прерасна во организација која прва му пружа помош на населението при природни непогоди, место преку кое граѓаните го остваруваат својот волонтерски придонес  и пријател на сите кои се нашле во незавидна состојба.

„Свртени кон иднината ја искажуваме својата подготвеност и спремност да се справиме со сите нови потенцијални предизвици кои ги носи неизвесноста на иднината на граѓаните на нашата држава. Ние сакаме и можеме, знаеме и умееме да одговориме на предизвиците дури и тогаш кога другите тоа не го можат“ рече претседателот на Црвен крст Македонија, Милчо Трајков.

 Црвениот крст на Македонија годинава одбележува и 20 години од полноправното членство во Меѓународната федерација на друштвата на Црвен крст и Црвената полумесечина.