Повеќе пари од државата за започнување сопствен бизнис бараат земјоделците
Финансиската помош од државата за отпочнување на сопствен бизнис на младите земјоделци не треба да биде лимитирана на 10 000 евра, сметаат од Асоцијацијата на земјоделци. За отпочнување на земјоделска дејност потребни се многу повеќе средства, кои треба да бидат доделени според потребите и планот за работа.
-Ако ги добие земјоделецот тие 20 000 или 30 000 евра, тие да бидат навистина употребени за отпочнување на нов бизнис, на нова работа, што ќе биде ефикасна за тој млад човек и што ќе го заинтересира, доколку сега работи во странство, да се врати, да си отпочне своја работа и да остане во Македонија- изјави Ефтим Шаклев, Асоцијација на земјоделци на Р.М.
Во истиот контекст се и забелешките во однос на распределбата на неповратните средства. Од Асоцијацијата бараат промена на критериумите, односно, укинување на мерката, „прв дојден, прв услужен“, за која праксата покажала дека често пати се злоупотребува.
-Таткото ќе му препише 4 декари на синот. Синот оди и аплицира прв, нормално, тоа е однапред договорено. Од платежната агенција му е кажано да ги поднесе документите и уште огласот не е излезен, а тој ги поднел документите и добие 10 000 евра. Тоа не е целта. Така не се развива земјоделието. Тоа го добиваат, да не речам, привилегирани луѓе, а не вистинските земјоделци и затоа ние сме против тоа-додаде Шаклев
На последниот оглас за мерката „Млад земјоделец“ во Штипско –Карбинскиот регион конкурираа 46 земјоделци, а државна поддршка им беше доделена на само 16 од нив.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар