Македонија
18. March 2024 - 16:37

Повеќе од 2200 лица незаконски користеле социјална помош и пензија - Имале возила на нивно име

Имале возила на нивно име, а земале социјална помош или пензија. Повеќе од 2200 лица подолго време незаконски добивале пари од министерството за труд и социјала. Ова го обелодени техничкиот министер и посочи дека е направен милионски криминал  со злоупотреба на системот за социјална заштита и противправно исплаќање на средства, иако еден од условите е корисниците да не поседуваат возила или приходи остварени по други основи. Според Велсковски при првичната проверка било констатирана и ретроактивна исплата месеци наназад.

- При вкрстување на базите на податоци месеци наназад кај овие лица во системот стои дека имаат возило, меѓутоа необјасниво е како службите не постапувале по однос на истото со што се продолжила исплатата на парични средства, со што се предизвикала милионска штета на буџетот на министерството. Имаме првични сознанија дека забележана е и ретроактивна исплата на средства за повеќе месеци наназад, што отвори голем сомнеж за извршени злоупотреби во институциите под надлежност на министерството за труд и социјална политика, изјави Ѓоко Велсковски, технички министер за труд и социјална политика.

Техничкиот министер се сомнева за системска манипулација во која според него биле вклучени повеќе лица. Најмногу незаконски исплати на социјална помош имало во Скопје, Куманово, Гостивар, Тетово..

Велковски најави детални контроли.

- Инспекциските служби од министерството веќе од денес започнаа вонредни инспекциски надзори се со цел да се открие кој навистина стои позади овој криминал од милионски размери“, изјави Велковски.

Според првичните сознанија овие околу 2200 лица секој месец го оштетувале буџетот на министерството за 18 милиони денари. Колку време незаконски земале пари од државата треба да покаже истрагата.

Инаку според евиденцијата на МТСП во земјава има 35.000 корисници на гарантирана минимална помош. Месечно добиваат по 8.000 денари.