Македонија
10. September 2021 - 16:41

Потврдена трансмисија на ковид во училишта во Струмица

Короната влезе и во струмичките училишта. Позитивни ученици, но дел и од наставниот кадар се потврдени во едно средно и едно основно училиште. Според информациите од Центарот за јавно здравје трансмисијата била во самите училишта поради што и двете се водат како нови кластери.

„Имаме дури и два кластери, еден во основно општинско училиште, друг во средно општинско училиште. Прeземени се сите неопходни мерки и се надевам дека во иднина нема да се појавуваат други ученици, меѓутоа ако постои ние по епидемиолошка индикација секако ќе тестираме. Согласно мерките и протоколите кои се од министерството за здравство и комисијата за заразни болести ние постапивме така како што треба. Дел од учениците веќе се ставени во домашна изолација, тие се под надзор и се следи нивната здравствена состојба“, вели д-р Мери Николова Гичева, епидемиолог.

Освен во училиштата позитивни случаи се регистрирани и во две градинки поради што две групи од околу дваесетина деца и неколку вработени се ставени во изолација.

„Па и детските градинки не се одминати. Има позитивни како деца така и воспитувачи“, вели д-р Николова Гичева.

Од Центарот за јавно здравје моменталната состојба во струмичкиот регион ја оценуваат како нестабилна бидејќи вирусот и понатаму забрзано се шири и затоа апeлираат до граѓаните на максимално почитување на мерките и пропишаните протоколи. Последните дваесетина дена струмичкиот регион се наоѓа на речиси на самиот врв по бројот на нови случаи со корона вирус. И покрај тоа што меѓу позитивните има од скоро сите возрасни групи во овој бран најзастапени се помладите и средната генерација.