Македонија
8. February 2021 - 16:49

Потпишан договор за 200.000 кинески вакцини, кога ќе пристигнат?

Филипче стави потпис на договорот со кинески Синофарм. 200.000 вакцини ќе стигнат овој месец со карго лет на скопскиот аеродром. Дали транспортот ќе биде до крајот на оваа или наредната недела од здравство не откриваат поради доверливоста на информациите договорени со производителот. Има посебна процедура за нивно преземање како и дистрибуција до економските оператори.

- По потпишување на договорот ќе одземе неколку денови и организацијата, инаку ќе стигнат со авион. Најважно е што ќе бидат опфатени двете најважни групи – здравствените работници и највозрасната категорија со хронични заболувања. Најважно е да нема прекин во имунизацијата, вели Венко Филипче, министер за здравство.

За првиот човек во здравствениот систем е добро што од март ќе има многу поголема достапност за сите вакцини. Но Филипче призна дека процесот можел да почне и многу порано доколку се договореле со Модерна со што ќе беше заштитено 50 проценти од населението.

- Разговараме со „Фајзер“, „Модерна“ уште на почеток најмалата количина за која разговараат е 2 000 000 дози што е навистина многу за нас бидејќи веќе бевме влезени во Ковакс а ги имавме и разговорите со Фајзер, но отворени сме за сите, вели Филипче.

Филипче денеска не кажа, но според договорот со Фајзер овој месец треба да стигне и првата количина од 5850 вакцини а се уште ги чекаме и 8000 дози што ги отстапи Србија.

Согласно планот за имунизација надлежните планираат дневно да имунизираат од 2000 до 2500 граѓани.