Македонија
20. October 2023 - 10:35

Постои можност бабата да го помешала отровот со нешто друго бидејќи стоел во тегла

Нови детали од близок член на семејството во врска со инцидентот во кој сега веќе едно лице почина, а две се борат за живот, откако изедоа домашна пита со праз, открива „Фокус“.

Причина за труењето е силен отров, метомил, познат помеѓу народот како ланате или ланата. Истрагата треба да покаже како завршил отровот во домашната пита со праз, што ја месела старата жена.

Фокус откри дека блиско лице на семејството станува збор за грешка со кобен исход.

„Станува збор за мајка, син и снаа. Мајката, односно бабичката, сега е во кома. На денот на настанот таа правела пита во летната кујна. Станува збор за жена во години. Веруваме дека се случило ненамерно да стави од отровот во храната, бидејќи истиот бил претурен во тегла. Истиот момент кога почнале да се гушат снаата и синот, бабичката доживува срцев удар. За среќа, јаделе во двор и ги виделе соседите сите легнати на земја, па пришле да ги спасат“ – вели извор.

Како што истакнал изворот, отворот го чувале против глувци. 

Настанот беше објавен и во дневниот билтен на МВР пред неколку дена, и во него беше наведено дека од Клиниката за токсикологија во полициска станица во Кисела Вода било пријавено дека кај нив биле донесени три лица од Скопје, затруени со домашна храна, која била направена во нивниот дом.

Снаата за жал почина, бабата е во кома, а синот на Клиниката за токсикологија во стабилна состојба.