Македонија
21. March 2021 - 16:39

Посредник за набавка на руски вакцини тврди дека помагал за процент, МЗ и Руската амбасада го демантираат

Никола Лакушиќ, Србин кој живее во Швајцарија тврди дека е посредник за руската вакцина со 3 балкански земји. 

Информација ја потврди за АлЏазира, каде вели дека набавил пола милион дози Спутник за Босна и Херцеговина, а посредувал и за набавката со  Бугарија, Алжир и Македонија. Парите од провизијата ќе ги добиел по пристигнувањето на вакцините, тврди  тој. 

Но од Министерството за здравство ја демантираат информацијата. Велат дека во комуникацијата со руските власти нема посредник. Преговараат директно со Рускиот инвестициски фонд, а на овој начин ги добиле и 3.000 дози Спутник кои пред 2 недели пристигнаа во земјава.

За набавка на вакцини против Ковид-19, без разлика дали станува збор за Спутник В, Синофарм, Астра Зенека или Фајзер, или Ковакс механизмот, нашата држава ја плаќа цената на вакцината понудена од производителот. Министерството за здравство уште еднаш потенцира дека нема провизии за ниту една набавка на вакцини против Ковид-19. Ваквите лажни вести имаат за цел намерно да го нарушат процесот на набавки на вакцини, велат од Министерство за здравство.

Од Руската амбасада за Сител велат дека досега не коментирале изјави  на поедици, но овој пат ќе направат исклучок.  

Амбасадата не ги коментира изјавите на поединечни лица, без оглед на тоа колку се фантастични. Во исто време, земајки ја во предвид посебната важност на ова прашање за граѓаните на Северна Македонија, овој пат ќе направиме единствен исклучок - немаше и нема да има никакви посредници во набавката на вакцини за РСМ: Сите преговори се водеа директно помеѓу Рускиот фонд за директни инвестиции и Министерството за здравство, и токму на овој начин беа постигнати конечни договори, велат од руската амбасада.