Македонија
28. December 2023 - 19:44

Последни пратенички прашања годинава

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше цел на пратенички прашања на опозицијата имјаќи предвид дека тој е најсериозниот кандидат на СДСМ за шеф на државата на претстојните претседателски избори, но и поради убиства што се случија изминатиов период.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Јанушев го обвини Спасовски за нестручност во откривањето на двојното свирепо убиство на 14 годишната Вања и Панче Жежовски од Велес. Тврди дека полицијата почнала да трaга по автомобилот на Жежовски речиси цел ден откако веќе го пронашла неговото опожарено возило, што пак, било фатално и за Вања.

Спасовски без да открива детали од случајот, или за работата на полицијата, го спореше кредибилитетот на Јанушев, кој како што рече, е кривично осудено лице.

На последните пратенички прашања за годинава, од ВМРО-ДПМНЕ обвинија и дека при изградбата на новите коридори се користи најплодно земјдолеско земјиште.

Пред седницата пак, спикерот Џафери на брифиниг ги откри и приближните рокови поврзани со изборот на техничката влада и изборите, но и изборот на член на ДИК што заглави во парламентот. Според Џафери, нема тенденција кај власта изборната комсија да остане без член, како што тврди опозицијата, но вели и дека ако не биде избран тогаш ДИК може да функционира, а има време и за нов оглас.

Џафери, како кандидат за технички премиер и Ковачевски ќе поднесат оставки до 20 јануари. Седницата за избор на техничка влада треба да почне на 26, а да заврши на 28 јануари. Распишувањето на изборите ќе биде во средината на февруари.