Македонија
29. јуни 2021 - 14:48

Португалската министерка за Европа: Македонскиот јазик бил дел од бугарскиот

Државната секретарка на Португалија за европски прашања, Ана Пола Закаријаш, изрази надеж дека изборите во јули ќе донесат решение за ветото на Бугарија за започнување на преговорите за членство на ЕУ со Македонија.

Закаријаш истакна дека позицијата на Бугарија мора да се почитува и да нема несогласувања во ЕУ.

– Ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија, поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и идната соработка. Во моментов, тие работат на нешто како патоказ кој ќе им помогне да работат заедно, и Бугарија да има гаранции дека кога Македонија ќе влезе во ЕУ, работите ќе се одвиваат непречено. Македонија помина низ тешки преговори со Грција – запомнете дека го смени името на земјата. Но, тоа е многу тешко, бидејќи е исто така поврзано со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји. Бугарија има нови избори на 11 јули и мислам дека бугарските власти ги чекаат своите резултати пред да одлучат како да постапат –  рече таа пред новинарите во Лисабон.

Министерката Закаријаш го опиша како „важен момент“ да не се донесат несогласувања меѓу двете земји во ЕУ:

– Ние мора да ја почитуваме бугарската позиција и тоа го сторивме. И важно е да не се воведат несогласувања и проблеми во ЕУ меѓу две земји. Ние сакаме тие да бидат решени пред некоја земја да влезе во Европската унија. Затоа не можеме да отпочнеме, затоа што мораше да и дадеме време на Бугарија да го реши ова со Македонија пред да ја свикаме меѓувладината конференција ,

Закаријаш рече дека Бугарија е исто така под притисок да најде компромис:

– Тука постои рамнотежа, затоа ние извршивме притисок и врз Бугарија, затоа што ставивме добар предлог на маса – да се разгледа, да се види дали може да проработи. Ние исто така работиме со Македонија и се обидуваме да видиме дали ќе дојде време кога можеме да се согласиме за ова.