Македонија
3. October 2020 - 16:28

Пораст во бројот на обиди за нелегален влез во земјава

Во изминатите три месеци бројот на обидите за илегален премин на државните граници зголемен за 60% во однос на истиот период лани. Од 15 јуни до 15 септември полицијата спречила 11.743 обиди за илегално преминување на границите со соседните земји.

Статистиката на МВР покажува дека зголемувањето е идентично ако се спореди и периодот од првите три месеци од оваа годината кога биле спречени 7410 обиди. Најголемиот дел од обидите, односно близу 90% се откриваат на јужната граница со Република Грција. Во просек на дневна основа се откриваат и до стотина лица.

Освен премините во гевгелиско, се почесто илегалните мигранти ги користат и дивите премини на планината Беласица преку кои од грчка се префрлуваат на македонска територија.

Освен илегалните премини, полицијата речиси секојдневно открива и нови случаи за криумчарење. Само во изминатите три месеци биле откриени 42 такви случаи во кои е спречен обид да бидат прокриумчарени близу 1500 мигранти. Најголемиот дел од нив биле државјани на Пакистан, но имало и од Бангладеш, Сирија и Авганистан. Против 29 лица веќе се преземени мерки на кривичен прогон. Тие се товарат за 24 кривични дела криумчарење мигранти.