Балкан
14. јуни 2017 - 9:06

Поранешниот романски претседател и други поранешни функционери ќе бидат изведени пред суд

Поранешниот претседател на Романија Јон Илиеску и тринаесетмина други функционери ќе бидат изведени пред суд поради обвиненијата за злосторства против човештвото во врска со насилното задушување на протестите во Букурешт во 1990 година, соопшти денеска канцеларијата на државното обвинителство.

Четири лица се убиени, откако Илиеску повика илјадници рудари да и помогнат на полицијата да ги спречи демонстрациите, само неколку месеци по погубувањето на комунистичкиот диктатор Николае Чаушеску во декември 1989 година. 

- На 11 и 12 јуни 1990 година властите одлучија да извршат насилен напад врз демонстрантите, кои водеа мирни протести против новиот режим, со кој управувал Илиеску, отако еден месец претходно беше избран за претседател, се наведува во соопштението. 

Освен четворицата мртви, како што се наведува во обвинението, во немирите имаше 1.380 повредени и 1.250 уапсени.  

По разбивањето на демонстрациите, Илиеску им се заблагодари на рударите за нивното „силно чувство на граѓанска должност“. 

Илиеску (87), кој прв пат е обвинет во 2005 година ја негираше одговорноста за насилството, кое предизвика широка меѓународна осуда. 

Случајот е повторно отворен, откако Европскиот суд за човекови права во 2014 година упати критика до Букурешт, бидејќи не успеал да ги истражи во целост злосторствата, кои се случиле по резолуцијата во Романија.

Обвинителството Илиеску повторно го сослуша во 2015 година, а меѓу останатите кои чекаат на судење се поранешниот премиер Петре Роман, тогашниот шеф на разузнавачката служба Виргил Магуереану, двајца лидери на рударскиот синдикат и поранешен заменик на обвинителот.