Поранешни американски претставници бараат да продолжи проширувањето на НАТО
Во пресрет на самитот на НАТО во Варшава, поранешни американски високи претставници повикуваат да се испрати јасна порака до Русија дека оваа земја нема да може да го спречи натамошното проширување на Алијансата и дека, и покрај долготрајниот застој во проширувањето, Москва нема право на вето врз ширењето на НАТО, јави Македонската Телевизија.
- Црна Гора ќе влезе во НАТО, што е многу позитивен развој. Позитивно за оваа држава, а симболично за останатите членки. Ние отсекогаш сме биле отворен сојуз на демократии. Никогаш не сме го кажале ова јавно, но историјата на НАТО не е одмазда за поделбата на Европа на конференцијата во Јалта. Ние нема да тргуваме со иднината на некоја држава поради Русите, изјави Николас Барнс, поранешен помошник државен секретар на САД, амбасадор во НАТО и во Грција.
Членките на НАТО успеаја да постигнат согласност за прием на Црна Гора во Алијансата, но, поради грчкото противење, не се согласија и околу приемот на Македонија на Самитот во Варшава. Не се очекува сериозен чекор ниту во врска со потенцијалните членки Украина и Грузија, кои првенствено стравуваат дека нема да можат да влезат во Алијансата токму поради противењето на Русија.
Џејмс Џонс, пензионираниот американски генерал кој беше врховен командант на НАТО за Европа и советник за национална безбедност на претседателот Обама, вели дека НАТО треба да покаже дека политиката на отворени врати останува и по приемот на Црна Гора. Генералот Џонс и амбасадорот Барнс зборуваа на настан во Атланскиот Совет на САД, на кој ја презентираа својата програма за дејствување по Самитот во Варшава, на кој се очекува одлука за распоредување на неколку илјади војници на НАТО во Источна Европа како предупредување до Русија.
- На НАТО е да реши кога нова земја - членка е подготвена за прием и ги исполнила критериумите. Според мене, нова земја-членка би требало да донесе вредност во Алијансата, а не проблеми. Нова вредност кон нашите заеднички вредности. И ако НАТО реши за прими нова членка, треба да го направиме тоа, изјавил генералот Џонс. Овие повици доаѓаат откако актуелниот американски амбасадор во НАТО, генералот Даглас Лут, најави дека по приемот на Црна Гора ќе следи подолг период на застој во проширувањето.
Во врска со излегувањето на Британија од Европската Унија, двајцата експерти на Атланскиот Совет предупредуваат дека тоа е повик до НАТО да ја засили својата улога во Европа.
- И покрај мислењето на некои земји-членки дека проширувањето на НАТО е провокација за Русија, сепак од Самитот во Варшава треба да се испрати порака дека сите европски демократски држави имаат право да станат членки на Алијансата, оценето е во документот подготвен од Барнс и Џонс.
Поголем број руски коментатори го поздравија излегувањето на Британија од Европската Унија, оценувајќи дека тоа ќе доведе до намалување на гео-политичката моќ на Брисел во однос на Москва.
Ново на Сител
-
Вучиќ: Тргнаа во напад на Србија однадвор, поддржани од многумина одвнатре
-
Кумановка измамена за 30.000 евра - повторно измамата во која наводно нејзина ќерка прегазила дете
-
Мицкоски: Надлежните се на терен во сите поголеми супермаркети, се прави анализа, детали од понеделник
-
Поранешниот германски претседател Хорст Келер почина на 81-годишна возраст
-
Футсал: Македонија поразена од европскиот првак Португалија
-
СП во ракомет: Заврши бајката на Португалија, фаворитот Данска се пласираше во финалето
-
Фатен кавадарчанец кој побегнал од затворот во Гевгелија
-
Тетовчанец загинал на скопска обиколница откако излетал од патот