Македонија
16. јуни 2019 - 16:20

Поранешната касарна во Струмица ќе стане повеќенаменски центар

Една од зградите во поранешната касарна во Струмица ќе стане центар за невладините организации. Адаптацијата на објектот веќе е започната. Еден   кат се подготвува  за повеќенаменски социјален центар со 7 простории во кои своите активности ќе можат да ги извршуваат здруженијата на социјално ранливите групи. Останатиот простор е наменет за другите невладини организации.

,, Во едниот дел од оваа инвестиција учествува Владата на Република Бугарија која што донираше околу 138 илјади евра, донација која што ја употребивме за социјалните категории на наши сограѓани, реновирање на зградата, надворешно и внатрешно уредување на едниот дел од зградата и останатите средства се комбинирани од Фондацијата Отворено општество Македонија и наши лични средства кои заеднички ги вклопивме за да може да се добие еден повеќенаменски центар за социјалните категории и невладините организации, кој се надевам и верувам дека ќе ги задоволи потребите на овие наши сограѓани.,, вели Коста Јаневски - Градоначалник на Општина Струмица.

Додека течат градежните работи се подготвуваат и методологијата и критериумите за тоа како овие простории  ќе се користат.

,, Нашата е развиена Општина во која што делуваат повеќе невладини организации и би требало да најдеме вистински критериуми и начин како ќе се користат овие простории за да може сите да бидат подеднакво застапени и да им се даде онаа важност кои што тие навистина ја имаат во нашето општество.,, вели Јаневски

Според планираното и најавите од општина Струмица , повеќенаменскиот  центар ќе биде готов до крајот на септември оваа година.