-->
-->
Попоски на Конференција за бегалската криза во Луксембург: Македонија очекува солидарност и финансиска помош од ЕУ
-->

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, кој заедно со шефот на македонската полиција Митко Чавков ќе учествува на вечерашната конференција за мигрантската рута „Источен Медитеран - Западен Балкан“ во организација на Советот на Европската унија, пред почетокот на конференцијата, во изјава за МИА истакна дека неговата порака до останатите министри за надворешни и внатрешни работи на ЕУ и Шенген-земјите, ќе биде дека Македонија очекува солидарност, но и финансиска помош од Брисел во справување со бегалците.
Како што јавува дописникот на МИА од Луксембург, Попоски и Чавков денеска на европските министри и на Високата претставничка Федерика Могерини ќе и пренесат дека досега се поминати над 300 илјади бегалци низ македонска територија, но и податокот дека вчера и денеска е алармантно зголемен нивниот број и изнесува 8.800 бегалци (вчера), односно 7.900 бегалци (денеска). Ова зголемување се толкува дека е поради доаѓањето на зимата, но и поради тоа што Грција се празни од мигранти и бидејќи министрите денеска ќе фиксираат квоти, па Грците гледаат помалку да останат кај нив.
- Денешната конференција е чекор во вистинскиот правец, бидејќи е сигнал дека и во Европската унија постои согласност дека не може да се најде решение на оваа бегалска криза без вклучување на земјите од Западен Балкан низ кои, вклучително и низ Македонија, се поминати повеќе од 300 илјади мигранти од почетокот на оваа година. Темпото се засилува, а веројатно и предизвиците ќе се зголемат, предупредува министерот Попоски.
Според шефот на македонската дипломатија, кој пред почетокот на конференцијата најавена за 18 часот ќе има билатерални средби со својот унгарски колега Петер Сијарто и со претставникот на УНХЦР, Венсан Кошетел, како земја што е кандидат за членство во Европската унија, Македонија очекува дека вечерва од Луксембург ќе бидат испратени јасни сигнали оти делот од предизвиците со кои се соочува Македонија ќе биде солидарно споделен од земјите-членки на Унијата.
- Тоа го очекуваме во делот на имиџот на државата, бидејќи се соочуваме со сериозен притисок на нашата јужна граница, но и во делот на финансиската помош која е потребна не само за институциите, туку и за самата економија која трпи од овие нередовни потреси, поврзани со мигрантската криза, посочува Попоски.
Македонија од денешната Конференција за бегалската криза се очекува да има бенефит од тоа што во однос на прифатните центри, што ќе се градат на надворешната граница на Европската унија, а тоа е во Грција и во Италија, сите бегалци преку т.н. „жешки точки“ ќе мора да бидат регистрирани, а оние на кои нема да им биде даден азил, Грција ќе мора веднаш да ги врати онаму од каде што пристигнале. На тој начин, македонскиот јужен сосед ќе и ја олесни работата на Македонија, со оглед на тоа што сите што ќе влегуваат во македонската држава веќе ќе бидат регистрирани.
- Досега имаме заклучено дека и соработката е подобрена во делот на справување со овој предизвик на јужната граница. Но, сепак, очекувањата се дека од оваа Конференција ќе излезат заклучоци и за конкретна помош на самите надворешни граници на Европската унија, односно во Грција, заклучува министерот Никола Попоски во изјава за МИА пред почетокот на Конференцијата во Луксембург.
Официјално, вечерашната конференција се очекува да заврши околу 22 часот, за кога се очекува да донесат Декларација за блиска соработка на земјите низ кои транзитираат бегалците од Арапскиот свет.
-->
-->
-->
Ново на Сител
-

Конститутивна седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на незаконски стекнат имот
-

Рекетот на Ѓоковиќ од финалето на АО во 2012 година е продаден за рекордна цена
-

Јапонија вели дека ретки земни елементи се пронајдени за време на длабокоморска мисија
-

Тошковски со видео честитка до граѓаните: На првиот ден од „Безбеден град“ имаме само 500 прекршоци
-

Трамп: Можам да ги натерам земјите кои не ја платиле членарината во ОН веднаш да го сторат тоа
-

Затворен за сообраќајот патот Удово - Валандово, магла на планинските превои
-

Променливо со слаби локални дождови и снег на планините
-

„Безбеден град“ - системот чита регистарски таблички и при брзини од над 200 километри на час во услови на дожд и магла
