Македонија
12. January 2021 - 21:49

Поплавите предизвикаа штети во Лажец

Поплавени штали, куќи, патишта. Водата од надојдената Лажечка река навлезе насекаде низ селото. Дел од трлата со овци беа поплавени, па сопствениците ги однесоа кај соседите. Ваква беше денеска состојбата во селото Лажец. -Се наполна вода, стоката ја извадовме, ги пренесовме кај соседите. Едните таму, другите таму, 200 глави каде да ги носиш. Овде беше една педа, ги кренавме креветите сите се со вода. Ќе не кренеше водата, кај мене влезе во гаражите, кај кравите, пченката ми ја удави.

Од дете, 7-8 години сум овде реката не е чистена, велат жителите на Лажец. Механизација на Водостопанство „Битолско поле“ ја чистеше реката подолу од селото. Од ова претпријатие велат немаат проблем со каналската мрежа која редовно се чистела, но имаат проблеми со реките.

-Реките Лажечка и Велушка, во Породин и во селото Лажец има проблем, излевање во самото населено место. Тоа се случува затоа што подолго време не можат да се исчистат реките затоа што проблем се дрвјата. Лажечка река по цела должина има можеби над 1000 кубици дрвја. Уште не е правно регулирано како, на кој начин Водостопанство може како да ги отстрани тие дрвја. Отпадот цел се фрла во каналите, реките. Тоа мора да се отстрани затоа што ни создава големи проблеми, вели ДЕЈАН ЗАРЕВСКИ, РАКОВОДИТЕЛ ВО ВОДОСТОПАНСТВО “БИТОЛСКО ПОЛЕ“. Врнежите се намалија, зголемено е нивото на водотеците во регионот, но состојбата засега е стабилна. Надојдените води пак, ги поплавија поголемиот дел од обработливите површини. Од општина Битола информираат дека жителите на општината можат да достават барања за надомест на штета од невремето кое ја зафати Битола и околината.