Македонија
19. March 2021 - 19:53

Пописот нема да се одложи, но нема доволен број попишувачи подготвени да го спроведат

Владата не размислува да го одложи пописот заради зголемениот број на заболени со ковид. Попишувачите ќе носеле маски и ќе држеле растојание што за властите било гаранција за безбедно одвивање на статистичката операција во време на пандемија. Тврдат дека активностите се реализираат во консултации со Комисијата за заразни болести.

Комисијата за заразни болести вчера соопшти дека спроведувањето или одложувањето на пописот треба да е политичка одлука, тие само изработиле протоколи за спроведување на операцијата.

И од Државниот завод за статистика велат дека тие не одлучуваат за судбината на пописот. Работеле по план и протоколи усвоени од владата.

Попишувањето на болните со ковид, од статистика велат дека ќе се прави врз основа на дневните податоци за новозаразени. Ќе се чека да заврши нивната изолација или попишувачите со целосна заштитна опрема ќе го спроведат процесот.

Во меѓувреме, Државниот завод за статистика се уште не може да го обезбеди потребниот број на попишувачи иако за нивната работа нуди сума значително поголема од просечната плата во државата. Недостасуваат 1.600 попишувачи кои за сума од 35 илјади денари ќе одат од врата до врата.

Од ДЗС појаснуваат дека по забележаниот бојкот за попишување на нашинците во странство сега имало пораст на интересот и до сега се запишале 82 илјади граѓани. Велат дека и во земјава препознале обиди за бојкот на пописот.

Заев пак, денеска преку фејсубук ги повика нашинците од дијаспората кои имаат македонско државјанство да се приклучат на како што, пишува патриоскиот чин и да помогнат да се добие јасна слика за нашите луѓе во странство.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека со спроведувањето на пописот, СДСМ го жртвува здравјето на народот.

„Попис во април ќе значи нови над 2000 смртни случаи. Во пописот ќе учестуваат 5.500 попишувачи, ако ги следиме статистиките, еден заболен пред да биде откриен го пренесува вирусот нан ови 9 лица, доаѓаме до бројка од 49.500 лица на кои ќе биде пренесен вирусот“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Пописот во земјава е предвидено да се спроведува од први до 21 април.