Попис 2021: Во Македонија живеат 1.836.713 жители - 58,4% Македонци, 24.3% Албанци
Во Македонија живеат 1. 836.713 граѓани. Шест месеци по завршувањето на пописот Државниот завод за статистика ги објави резултатите. Од граѓаните кои живеат во земјава 58,4% се изјасниле како Македонци, 24,3% како Албанци, а останатите се припадници на другите етнички заедници. Како Бугари се изјасниле 3.504 лица. Како дијаспора се запишале близу 260.000 лица, а од нив над 66% се Албанци.
-Од вкупниот број попишани граѓани, резидентни и нерезидентни, Македонци се 54,21 %, Албанци, 29,52 %, 3,98 % Турци, 1,18 се изјасниле како Срби, 0,87 се Бошњаци, а 0,34 отсто се Власи, информираше Симовски. Од резидентното население, 58,44% се Македонци, а 24,3% се Албанци, соопшти Симовски.
Првиот човек на статистика вели дека пописот е успешен и професионален. Само 6% или 132.360 граѓани не им отвориле врата на попишувачите и тие само како бројка се внесени во статистиката. Симовски вели дека нивната етничка припадност не може да биде објавена, но истите не може ниту да бидат казнети бидејќи никој со сигурност не може да каже дали се решиле да го бојкотираат пописот, не биле дома или стравувале од ковид.
И меѓународниот експерт кој беше вклучен во целиот процес вели дека во Македонија е спроведен успешен попис според најсовремени методи. Според сите европски стандарди вели дека клучен податок од целиот процес треба да биде бројот на резидентно население
Интересен податок кој отскокнува од процентите на жители е податокот за мајчин јазик. Од резидентното население 61,38% се изјасниле дека мајчин јазик им е македонскиот, а 24,34% албанскиот јазик. Најмала општина е Зрновце, а најголема Куманово. Забележани биле и 207 празни населени места. Во текот на пописот запишани се близу 600.000 домаќинства и над 800.000 станови.
За пописот државата одвои 8,5 милиони евра, од кои 900.000 евра статистика врати во буџетот.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
