Македонија
2. December 2019 - 8:34

Помпео: САД го депонираа протоколот за НАТО, ја чекаме С.Македонија као 30 членка

САД го депонираа ратификуваниот протокол за членство на Македонија во НАТО. Тоа го објави државниот секретар Мајк Помпео на неговата страница на Твитер.

„Со задоволство ви соопштувам дека САД го депонираа ратификуваниот протоколот за пристапување на Македонија во НАТО. Еден чекор поблиску до прифаќање на Македонија како 30-ти сојузник на НАТО“, објави шефот на американската дипломатија.

Американскиот Сенат го ратификува протоколот за членство на земјава во Алијансата на 22 октомври годинава.

Од полноправното членство во НАТО, Македонија ја дели само една ратификација, со оглед дека за десет месеци протоколот за пристапување во НАТО е ратификуван од 28 од вкупно 29 членки.

Се очекува и на Самитот на НАТО што ќе се одржи утре и задутре во Лондон, во завршната декларација  да биде забележано дека земјата е добродојдена како 30 членка.