Македонија
28. November 2015 - 15:00

Помош за бегалците на Табановце

На прифатниот пункт во Табановце денеска околу пладне мал број мигранти од Сирија, Ирак и Авганистан добиваа облека, храна, вода и ќебиња од екипите на Црвениот крст, УНХЦР и од невладини организации.
 
Утрово, пристигнал воз од Гевгелија со околу 600 мигранти. Мал број од нив, претежно семејства со деца, останале кратко да одморат пред нивниот пат кон Србија, а потоа, според нивните кажувања, и кон земјите од западна Европа и скандинавските држави.
 
- Постојано сме на терен и им помагаме на мигрантите и беглаците. Им делиме пакети со храна, хигиенски средства, вода, кебиња, кабаници,..., она што им е потребно, изјави Раде Ристиќ од Црвен крст.
 
Според Ана Јордановска од Црвен крст, околу 100 мигранти побарале и добиле прва помош од кои десетина деца. - Најчесто се жалат на респираторни проблеми, проблеми со притисок, а има такви на кои им се проверува шеќерот во крвта, рече Јордановска.
 
Организацијата „Влазнија“ од Куманово исто така дели храна и облека. - Делиме по 600 пакети дневно со храна, а денеска имаме и облека од граѓани од Швајцарија, информира Висар Рустеми и додаде дека мигрантите не се задржуваат повеќе од час на прифатниот пункт во Табановце.
 
Викторио Јаковлески од СОС детско село вели дека зависно од приливот на мигранти и беглаци, во Катчето за деца се сместуваат 50 до 150 деца. За нив се грижат екипи во три смени.
 
Мигрантите ги користат и 32-те мали контејнери-икеа модули, еден контејнер наменет за жени и деца, контејнер каде што мигрантите можат да користат комјутери, два големи шатора со капацитет од по 150 до 200 лица. Посебни контејнери има и за лицата со инвалидитет и попреченост.
 
Наредниот воз од Гевгелија на Табановце се очекува да пристигне околу 16 часот.