Македонија
21. јуни 2017 - 10:29

Половина милион посетители во Спомен - куќата на Тоше

Треперат жиците на гитарата. Се разлеваат акордите. Прво необликувани, срамежливи, па повторени, почисти, многу појасни. И пак отпочеток.

Дали „почнува да плаче гитарата“ или ќе навасаат веселите акорди, ќе чуе секој посетител овие денови во Спомен куќата на Тоше Проески на Гумење во Крушево. Овие три дена (од вторник до чеврток) се одржува школата за гитара во чест на Тоше и на сите млади кои сакаат да ја научат гитарата, да го спознаат волшебниот звук кој таа го испушта. Трета година се одржува школата (првата година со Влатко Стефановски, а лани беше школа за хармоника со Горан Алачки) годинава под водството на вируозот Дамјан Пејчиновски.

Маѓепсува звукот на гитарата. Се шират звуците низ просториите на Спомен куќата, ги милуваат 350-те екпонати на Тоше и остануваат да лебдат, да раскажат нова приказна за магијата на ова место.

Учесниците, млади, од 11 до 25 години. Од цела Македонија вредно ќе работат, ќе создаваат незаборавни вибрации.

Посетителите се тука, постојано. Фасцинирани, растажени, со незаборавно искуство. Веќе полни 6 години ( од 25 април 2011 година) кога е отворено белото фасцинантно здание- Спомен куќата на Тоше, незапирливо тече реката гости, посетители, следбеници, почитувачи на Тоше. Создаваат незаборавни спомени и незаборавни бројки. Школата за гитара ќе ја заокружи фасцинантната бројка на половина милион посетители во Спомен куќата на Тоше на Гумење.

Емотивни се посетите и по точно 10 години од смртта на Тоше Проески.

Викторија Чадевска со своето семејство живее во Мелбурн, Австралија. Третпат доаѓа во Крушево последниве години. Прво на гробот на Тоше на Гумење, а потоа ја разгледува и Спомен куќата. Емотивно ги доживува овие посети.

- Третпат доаѓаме тука. Прво на гробот на Тоше, па овде во музејот преку експонатите, фотографиите, со музиката на Тоше се разнежнуваме. Ми доаѓа да заплачам што го нема. Ја нема нашата македонска ѕвезда. Не е само наш- на Крушево, на Македонија. Се прочу низ цел свет. Во музејот е многу убаво, прекрасно, вели со треперлив глас Чадевска.

Фасцинира бројката од половина милион посетители за шест години на Спомен- куќата на Тоше на Гумење во Крушево. Од отворањето, (во април 2011) незапирлив е интересот да се види зданието, да се разгледаат експонатите. Ги менуваме и ги обновуваме, вели Елена Мирчевска, директорот на Спомен-куќата.

- Уште од отворањето на Спомен- куќата и лете и зиме, наесен и напролет, секогаш, имаме посетители. Од цела Македонија, од Балканот - од Србија, Бугарија, Словенија, од Хрватска, а доаѓаат и од, речиси, цела Европа: од Германија, Шведска, Норвешка, од Швајцарија. Голем број од нив се и параглајдеристи кои летаат од падините на Мечкин Камен, но секогаш го посетуваат музејот. Во музејот имаме околу 350 експонати, сите ексклузивни, најголем дел отстапени од семејството на Тоше. Ги менуваме со поводи: на годишните од смртта на Тоше ( 16 октомври) и на неговиот роденден (25 јануари). Целата приказна за Тоше се допонува, се збогатува, трае и се раскажува, објаснува Мирчевска.

Зданието на Спомен куќата, пак, е врвно дело на модерната и симболична архитектура и приказна што се раскажува за човекот кој со своите музика и хуманост стана пример за исполнет и бесценет животен век, заложба за многу генерации.

- Проектот е осмислен од тројца архитекти на кој работеа една, а се градеше две години. Зданието се простира на 1. 200 метри квадратни, на две нивоа, има околу 20 витрини. Секоја раскажува за животот на Тоше. Има две восочни фигури на Тоше, неговото музичко студио, бројни лични експонати. Проектот во ноември 2012 година на Фестивалот во Барселона ја доби наградата „People ҆s choice Award“ за најдобро идејно решение во конкуренцијата на 74 објекти од светот. Во 2011 година проектот „Спомен-куќа на Тоше“  ја освои и годишната награда за архитектура од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, објаснува Мирчевска.

Спомен- куќата на Тоше на Гумење во Крушево и споменот за Тоше, неповторливиот музички талент и човекот со големо срце,  донесоа половина милион љубопитни. Да го видат зданието, да ја слушнат и да ја доживеат приказната за Тоше, да остават порака на ѕидот на Спомен-куќата и да се загубат во спомените за рано прекинатиот живот на човекот кој имаше допрва многу што да даде.

- Тоше и Спомен- куќата се нераскинлива нитка. Приказна, неодолива за илјадниците посетители. Бројката од половина милион гости за шест години фасцинира. Не остава понизни пред сознанието дека далечините не се битни, ниту дали некои го познавале Тоше додека беше жив. Неговото наследство е тоа што трае. И ќе ја раскажува приказната, напоменува Мирчевска.

Звуците на гитарата на младите во школата што се одржува деновиве во Спомен- куќата не враќаат во опкружувањето на зданието.  Разнежнува обидот на младите да ја преточат во звуци „Тајно моја“ или некоја песн по желба. Но останува фасцинацијата од бројките: За 2246 дена ( од април 2011 година до сега) откако е отворена Спомен-куќата на Тоше, ја посетиле половина милион гости. Секој ден по 222-ца посетители.

Бројки за почит. Поврда за една безвремена приказна.

 

Елизабета Митрска