Поливалентните вакцини ќе ги спасат децата од бројните боцкања
Двојно се намалуваат боцкањата на децата до 18 месеци со воведувањето на поливалентните вакцини. Наместо 13 бебињата само 7 пати ќе ги посетуваат Центрите за имунизација. Според педијатрите ова е само една од придобивките со воведувањето новите вакцини. Од август сите деца кои наполниле 2 и 5 месеци ќе примаат шестовалентна пречистена вакцина која ќе ги штити од дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, жолтица тип Б и хемофилус инфлуенца кој предизвикува менингитис.
-Со воведувањето поливалентни вакцини освен што се намалуваат боцкањата, се намалува и стресот и на родителите и на децата. Придобивките се од неизмерно огромно значење, вели д-р Аспазија Софијанова, претседател на педијатриско здружение и директор на Клиниката за детски болести.
Д-р Софијанова тврди дека досега ниту една земја во која се користат поливалентни вакцини не пријавила не пријавила поголема несакана реакција.
-Речиси и да нема несакана реакција од употребата на поливалентните вакцини, додаде д-р Софијанова.
Од септември во Македонија ќе почнат да се користат и петтовалентните вакцини. Нив ќе ги примаат бебиња со полни 3,5 и 18 месеци. До година и половина децата два пати ќе бидат боцкани со петовалентни и два пати со шестовалентни вакцини.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
