Политичката нестабилност погубна и за текстилот, продолжува падот на бројот на вработени
Ако политичката ситуација се продлабочи и има предвремени парламетарни избори, бизнисот ќе страда, нема да се реализираат планираните инвестиции, ниту ќе се оди на освојување нови пазари, предупредија денеска текстилците.
Тие на прес-конференција апелираа политичарите најпрво да мислат на државата, а потоа на партиите. Доколку нестабилноста се зголеми и прерасне во безбедносна криза, предупредија, и ова што денес се работи, ќе го нема.
- Во нестабилна политичка состојба ниту еден бизнисмен не се одлучува да вложува, да ги шири капацитетите и не размислува за нови пазари. Компаниите до крајот на ноември треба да ги поднесат барањата за средствата што лани ги вложиле во инвестиции, но ако има избори, целата енергија ќе се насочи кон тој процес, сите ќе се занимаваме со политика, а ќе страда бизнисот од кој очекуваме да се полнат фондовите и буџетот, да ги зголемуваме социјалните давачки. Ако бизнисот паѓа, ќе паѓа целата економија и целата држава, истакна претседателот на Здружението на текстилна индустрија во Стопанската комора Ангел Димитров.
Димитров предупреди и дека текстилната индустрија очекува натамошен пад на бројот вработени, посебно во кожарската индустрија. Интересот кај младите за запишување во стручните текстилни школи е се помал, а нема интерес и за вработување во текстилните компании.
- Бројот на вработени се намалува секоја година, од 43.848 во 2007-ма, сега се движи од 36.000 до 38.000. Ако ги споредиме бројот на вработени во август 2018 година со просекот во 2017 година кај производството на облека бројот на вработени е намален за 4,9 отсто, а кај производство на кожа за 5,1 процент. Во оваа гранка, овој пад во идниот период ќе биде малку поголем во однос на текстилот и облеката, потенцира Димитров.
Македонските текстилни компании, сепак, се уште се атрактивни за странските пазари пред се поради близината, малите серии, високиот квалитет на производи и солидните цени. Склучувањето договори и задржувањето на партнерите од западно-европските земји продолжува.
Текстилците ја поздравуваат последната мерка што ја заговара Владата, а ја промовираше вицепремиерот Кочо Анѓушев минатата недела – за евентуално замрзнување на придонесите. Според Димитров, оваа мерка ќе биде најдобра од досегашните зашто ќе овозможи повисоки плати за работниците без да се зголемат трошоците на работодавачите. Слабоста на мерката, рече, е можеби во пензиската основица, но за тоа дали таа да биде повисока или да се има поголема нето плата, треба да одлучи секој работник лично.
Македонското производство на текстил во првите осум месеци од годинава во споредба со истиот период лани бележи зголемување од 11,2 отсто, додека производството на облека намалување од 6,7 проценти. Извозот достигнал 386 милиони долари што е зголемување за 14,8 отсто, а претставува 9,8 проценти од вкупниот извоз на Македонија. Увозот, пак, бил 382,7 милиони долари.
Ново на Сител
-
Сакал да пренесе сопатник без документи преку граница - Уапсен маж на ГП Богородица
-
64 годишен скопјанец кој исчезна пред 10 дена пронајден мртов
-
Девизните резерви во октомври зголемени за 568,9 милиони евра
-
Кривична пријава против 66-годишник за демнење на началник во ОВР Неготино
-
Илиоски со златен медал на Европското кикбокс првенство во Атина
-
Кремљ: Путин е подготвен да разговара за Украина со Трамп, но не ги менува своите барања
-
Народна банка: Се очекува забавување на инфлацијата и во следните години
-
Гробница првпат отворена по 2500 години, презентирани вредните наоди откриени во охридско-струшкиот регион