Македонија
10. January 2023 - 19:08

Полицијата го приведе Драган Даравелски на граничниот премин „Табановце“ - зошто патувал кон Македонија?

МВР го приведе екс директорот на Царинската Управа Драган Даравелски.

Неговиот обид да влезе во земјава преку граничниот премин Табановце заедно со своето семејство, попладнево ја активираше меѓународната потерница стара 16 години.

Од МВР потврдуваат дека по приведувањето Даравелски е спроведен во затворот Идризово на издржување на 7 годишната затворска казна, на која беше осуден во 2007мата година.

Но оттаму денеска не успаевме да добиеме одговор дали Даравелски во затворот само ќе преноќи, со оглед дека се исполнети законските одредби за застарување на неговиот прогон. Кривичниот законик предвидува дека затворските казни над пет години застаруваат за 10. По изминувањето на овој период, изречената казна не може да се спроведе.

Пресудата на Даравелски во 2007мата му беше изречена во отсуство, а оттогаш беше баран со потерница на Интерпол.

До денес, неуспешни беа сите барања за негова екстрадиција од Србија. Последниот обид беше во 2020та, а неколку години претходно Даравелски беше приведен во Белград, но српските власти тогаш ја запреа постапката откако се утврди дека тој има и српско државјанство.

Како поранешен директор на Царинската управа Даравелски во 2007мата беше осуден на 7 години затвор за злоупотреби при работењето. Судот тогаш утврди дека тој и неговиот заменик по разни основи и преку затајување на царинските приходи го оштетиле државниот буџет за над 2,5 милиони евра. Три години подоцна државата му го конфискуваше имотот во Скопје и Куманово.