Македонија
22. September 2015 - 17:01

Полицаец уби жител на Свети Николе - Пукал во самоодбрана

Единствениот испукан куршум од службениот пиштол на полицицаец од станицата во Свети Николе завршил во телото на 30 годишниот Далибор Илиевски. Пукал за да го спречи во обидот да го прегази со автомобилот. Далибор починал во болница, а полицаецот за целиот случај ќе одговара пред судија на претходна постапка. За настанот кој од вчера попладне го тресе градот во овчеполието простигна и официјално соопштение од јавното обвинителство. Сега починатиот Далибор на улицата каде се случило убиството со голема брзина возел зад велосипед, но бурно реагирал оти не можел да го престигне. Според сведоштвото на службеното лице, возачот на автомобилот Лада го запрел велосипедистот и започнал расправија со него. Ова го забележал полицискиот службеник кој отишол да ја смири ситуацијата.

-  Полицаецот пристапил , ги одвоил лицата и започнал со легитимирање на возачот на патничкото возило, кој пак давал отпор и започнал со тегнење и буткање да се спротиставува на службеното лице. Потоа возачот седнал во возилото и започнал да го движи по патот држејќи го полицаецот за рака, влечејќи го десетина метри по патот, при што од брзината на движење полицаецот паднал на патот, пишува во официјалното соопштение.

Откако полицаецот паднал на асфалтот, возачот на автомобилот 30 годишниот Далибор, вртејки го возилото во полукруг се обидел да го прегази. По вториот обид, полицискиот службеник од полуседечка положба го извадил пиштолот и стрелал кон Ладата. Далибор продолжил да вози и успеал да стигне до болницата во Свети Николе но лекарите не успеале да му го спасат животот.

Роднините и пријатели на починатиот, од кои дел биле очевидци на настанот бараат одговор зошто полицаетот не пукал за да предупреди во воздух.

На случајот работи јавното обвинителство од Штип. По распитот кај судија на претходна постапка ќе бидат утврдени деталите. Ако полицаецот постапил спротивно на законот ќе има одговорност тврдат наделжните институции.