Македонија
24. November 2019 - 19:31

Полицаец од Струмица заработи кривична пријава за криумчарење мигранти

Полициски службеник од Струмица е осомничен за криумчарење мигранти. Полицаецот  е приведен, а против него е поднесена и кривична пријава со која се товари дека ги злоупотребил службената положба и овластување.

29- годишниот полицаец бил откриен од страна на негови колеги кои спроведувале акција за криумчарење мигранти.

Тој бил фатен како со патничко возило Алфа ромео превезува државјани од Сирија на кои им изнудил пари за транспортот. Од едно од лицата зел две банкноти од по педесет евра, велејќи им дека истите нема да ги превезува и дека ќе ги симне од возилото  додека не му дадат пари.

 „При транспортот на мигрантите, пријавениот бил запрен од полициски службеници  од СВР Струмица, при што мигрантите и пријавениот биле зафатени во претходно договорена акција за сузбивање на криумчарење на мигранти. Мигрантите биле пренесени во прифатниот транзитен центар “Винојуг“ Гевгелија каде истите пријавиле дека пријавениот им изнудил парични средства во висина од 100 евра“, вели Хризантема Рендевска, портпарол на СВР Струмица.

На предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција-Скопје на пријавениот  полициски службеник му е одредена мерка притвор.