Македонија
14. July 2016 - 12:25

„Поетската ноќ во Велестово“ во знакот на творештвото на Санде Стојчевски и на современата ирска поезија

Од утревечер до 18 јули охридското село Велестово повторно ќе пулсира во ритамот на поетскиот израз, во рамки на манифестацијата „Поетска ноќ“ што по 28 пат ќе се одржува во тоа познато туристичко место на падините на Галичица на источниот брег на Охридското Езеро.

Почетокот на манифестацијата традиционално се одбележува на средсело во Велестово, со поетска вечер посветена на еден наш признат поет.

Основоположникот на манифестацијата, поетот Славе Ѓорѓо Димоски, на денешната прес-конференција појасни дека оваа година поетската вечер што ќе почне од 21:30 часот е посветена на творештвото на поетот Санде Стојчевски, за чиј богат творечки опус ќе беседи Зоран Анчевски. Веднаш потоа во тремот на црквата „Успение на Света Богородица“ ќе биде отворена уметничката изложба на академскиот сликар Стефан Хаџи Николов.

Професорот Анчевски за поетот Стојчевски рече дека е еден од најеминентните современи македонски поети, кој зад себе остава големо дело што вклучува не само поетски содржини, туку и толкувања, критички записи, осврти на поезијата на наши и странски поети.

- Тој е поет кој непрестајно до ден денес ја разгатнува тајната на поетскиот збор, на уметничката вредност на поезијата. Поет кој со своите долгогодишни полемички текстови во периодиката и како посебни наслови со благороден тон ги довршува своите расправи за поетиката со голем број поетичари од негов ранг, истакна проф. Анчевски.

Вториот ден од манифестацијата веќе неколку години е резервиран за интернационалната вечер именувана како „Глобално поетско село“ на која од 2010 година наваму се претставуваат автори на поетски дела од целиот свет. Оваа година во тој дел од „Поетската ноќ во Велестово“ ќе биде претставен избор од творби на 11 современи ирски поети, а дел од своите песни лично ќе ги пренесат поетите Патрик Котер, Џери Марфи, Били Рамзел и Алва Ни Гиарвуи.

Третиот ден од манифестацијата ќе биде своевиден собир на поети, т.н „поетско пладне“ на кое ќе се читаат дела и песни на македонски и на ирски автори.

„Поетска ноќ во Велестово“ е манифестација единствена од таков вид во Република Македонија. Основана е во 1989 година како камерна презентација на творештвото на афирмиран македонски поет и сликар. Од нејзиното првото издание одржано на 12 авуст 1989 година низ неа продефилираа најзначајните македонски поети и сликари, меѓу кои: Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Јован Котески, Матеја Матевски, Радован Павловски, Јордан Плевеш, Славе Ѓорѓо Димоски, Богомил Ѓузел, Михаил Ренџов, Ефтим Клетников, Ристо Јачев, Братислав Ташковски, Пако Кузман, Веле Смилевски, катица Ќулавкова, Раде Силјан, Бладимир Мартиновски, Никола Маџиров и др., сликари: Вангел Наумовски, Глигор Чемерски, Сергеј Андреевски, Боро Митрикевски, Родољуб Анастасов, Владимир Георгиевски, Газанфер Бајрам, Коле Манев, Мирослав Масин, Славко Упевче, Никола Упевче, Драган Спасевски-Охридски, Доне Милјановски, Нове Франговски, Васко Ташковски, Александар Станковски и други. Од странските поети досега во Велестово имаат настапено поети од Сирија, Србија, Турција, Израел, Ирска, од Италија, Црна Гора, Естонија, Бугарија, Албанија, Норвешка, Словачка, Словенија, од Монголија.

Во рамки на „Поетската ноќ во Велестово“ оваа година ќе биде промовирана и книгата „Сеќавања“ на авторот Климе Дулески, во која се опишани сеќавања, приказни, случки што биле пренесувани низ времето, а се однесуваат на селото Велестово .