Поефтино парно за институции и фирми, сметките за граѓаните остануваат исти
Поевтино парно за институциите и приватните компании, а граѓаните ќе ја чекаат редовната корекција летово. Фирмите, училиштата и државните институции со вонредна одлука на Регулаторната комисија, ќе добиваат пониски сметки за топлинска енергија за 35 отсто. Одлуката, регулаторите ја правдаат со пониската цена на природниот гас.
„Ова го правиме за да им помогнеме и на општините и на државните институции и на деловните корисници да им се намалат нивните трошоци за топлинска енергија, бидејќи, реално тие го понесоа најголемиот товар во текот на енергтската криза и на некој начин и тие со повисоката цена која ја плаќаат ги субвенционираа стабилните цени за топлинска енергија во Скопје“ изјави Марко Бислимовски, Директор на РКЕ.
Бислимовски објаснува дека за граѓаните не може да има поевтинување бидејќи нивните сметки за парно ги помага државата. Ако сега имало намалување и за нив, тоа можело да се протолкува како предизборен маркетинг. Според регулаторите, одлука за помали сметки, граѓаните може да очекуваат во јули, под услов да не расте цената на природниот гас.
„Доколку одиме и кај домаќинствата, треба да влеземе во субвенциите, а тие се обезбедени, префрлени се на сметката на ЕСМ. ЕСМ сите сметки до крај на грејната сезона ќе ги субвенционира исто така знаете во каков период сме, не би сакале да влијаеме на ниту еден начин на случувањата на политичката сцена кој ќе претстојат во следниот период и не сакаме да биде сфатени погрешно“, вели Бислимовски.
Во Скопје парно имаат 65 илјади потрошувачи, а со поевтинувањето се опфатени околу 1.200.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар