Поднесено обвинение против петмина турски државјани за убиството во кафе бар во Штип
Поднесено обвинение за петмината турски државјани инволвирани во убиството на Енес Оздемир од Турција, во мај годинава, во кафе бар во Штип. Еден од обвинетите се товари за директно извршување на кривичното дело - убиство и за неовластено држење на оружјето со кое е извршено убиството. Тројца од обвинетите му помогнале во извршување, а обвинетата за помагање на сторителот по извршувањето на тешкото кривично дело.
- Првообвинетиот 21- годишен без регулиран престој во државава, на почетокот на мај од непознато лице во Скопје, неовластено купил полуавтоматско огнено оружје –пиштол со избришани податоци за модел и сериски број. Преку мобилни апликации се договорил со оштетениот на 8 мај да се сретнат во кафе бар во центарот на Штип, седнале на една од масите во аголот од летната тераса на кафе барот и разговарале околу 15 минути. Во еден момент, обвинетиот отишол до тоалетот и веднаш се вратил, го извадил пиштолот и започнал да пука кон оштетениот, нанесувајќи му шест огнострелни повреди од кои починал, стои во соопштението од ОЈО.
Тројцата обвинети иако знаеле за неговите намери, му овозможиле логистичка поддршка, го сместиле во станот во Скопје во кој претстојувале и преку засега непознати лица му обезедиле пиштол. На денот на убиството го превезле до Штип. По извршување на убиството, со сопствениот автомобил, петто обвинетата се обидела да ги врати во Скопје, но полицијата ја осуети нивната намера и ги уапси на патарината „Миладиновци“. За четворица обвинети јавниот обвинител побарал да биде продолжена мерката притвор, а за петто обвинетата да остане на сила мерката на претпазливост.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
