Бизнис
31. July 2019 - 17:12

Поделени првите картици за зелената нафта

Денеска во битолското село Кравари беа поделени првите картички за „зелена нафта“. Со оваа мерка се опфатени 55.000 земјоделци, а обезбедени се 200 милиони денари од Програмата за директни плаќања, истакна премиерот Заев.

- Најголемиот трошок во производството отпаѓа токму на нафтата. Поради тоа цената на  земјоделските производи е висока, а тоа ги прави неконкурентни на домашниот и на странските пазари. Започнуваме со 30% поеvтина нафта со тенденција субвенцијата да се зголеми на 50% од малопродажната цена на горивото, рече Зоран Заев, премиер.

Откако беа доделени картичките, премиерот, министерот за земјоделие и директорот на платежната агенција, заедно со земјоделците на бензинска станица проверија како функционираат.

- Ги добивмe картичките, веќе функционира, ова е голема помош за сите земјоделци, рече Ерџан Али, земјоделец од Кравари.

- Историски ден за нас земјоделците, ќе ни помогне многу за обработка на земјата, може да конкурираме и ние, рече Бурим Банушевски, земјоделец од Меџитлија.

Со овие картички земјоделците ќе можат да точат исклучиво „евродизел“ за земјоделската механизација.

- Првото гориво се наточи за земјоделската механизација, ова е голема помош за самите земјоделци бидејќи го поевтинува процесот на производство. Со тоа самиот производ добива дополнителна додадена вредност која значи подобра економија на агросекторот, рече Никола Бабовски, директор на АФПРРЗ.

- Видовме дека перфектно функционира наплатата, системот кој беше планиран, функционира. Очекуваме дека земјоделците ќе ги намалат трошоците, целта на ова е поконкурентно производство, рече Трајан Димковски, министер за земјоделие.

Средствата на картичките земјоделците треба да ги искористат до крајот на април 2020 година.