Македонија
2. October 2015 - 16:43

Поддржани измените на Законот за ловството во прво читање

Собранието на Република Македонија на денешното продолжение на 67-та седница го поддржа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за ловството во прво читање, и препорача негово проследување во натамошна собраниска процедура.

Образложувајќи ги законските измени, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски рече дека со нив се предвидува постапката за доделување на дивечот во ловиштата по пат на концесија да започне шест месеца пред истекот на концесиските договори.

Втората измена, како што истакна Костадиновски, се однесува на усогласувањето со Законот за полагање испит во делот што значи добивање дозвола за ловство.

Во образложението на Предлог-законот се наведува дека со него треба да се  подобри транспарентноста при полагање на испитот, и воедно да се заострат казнените мерки во однос на постапката при спроведување на испитот, како за кандидатите така и за овластените преставници кои учествуваат во спроведување на испитот.

Пратениците од опозицијата сметаат дека предложеното законско решение треба да се повлече и да се доработи.

Собранието без расправа ги поддржа измените и дополнувањата на Законот за рибарство и аквакултура, на Законот за квалитет на земјоделските производи, на Законот за пасиштата и на Законот за земјоделски задруги, сите во прво читање и ги препорача во натамошна собраниска процедура, односно во  второ читање.

Собранието го поддржа и Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за водостопанство и препорача негово проследување во натамошна собраниска процедура.

Пратеникот Панче Орцев од СДСМ рече дека со овој Предлог закон се врши усогласување со Законот за прекршоците но, не во доволна мера која би била во корист и на правните лица и на граѓаните. Тој обвини дека Владата го штити јавното претпријатие АД Водостопанство со изрекување помали казни, отколку кога би се работело за прекршок од други правни лица.

Љупчо Димовски од СПМ реплицирајќи му на пратеникот Орцев рече дека водостопанскиот систем во државата го уништи претходната влада, меѓу другото и со потпишувањето на договор за проект за санација на водостопанските претпријатија кои ги има урнисано.

- По две години анализи кои се вршеа во Министерството за земјоделство и Управата за водостопанство беше изготвена програма која се однесува  на целосна реконструкција и рехабилитација на системот  за наводнување и одводнување, рече Димов.

На денешната седница беа поддржани и измените и дополнувањата на Законот за основање на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како и Законот за тутун и тутунски производи, двата во прво читање и беа дадени во натамошна собраниска процедура.

Собранието ги поддржа и измените и дополнувањата на Законот за управување со отпад и на  Законот за животната средина во прво читање и ги даде на натамошно второ читање.

На седницата беа поддржани измените и дополнувањата на Законот за внатрешна пловидба  во прво читање и беа дадени на натамошно, второ читање. Со предложените законски измени, како што појасни  заменик министерот за транспорт и врски Ниметули Хаљими, се врши усогласување со Законот за правосудниот испит, во делот на полагањето на испитот за издавање на уверение за оспособеност за управување со чамец и испитот за стекнување на звање за член на екипаж на брод.

Собранието го поддржа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање во прво читање, и препорача негово проследување во натамошна собраниска процедура.

Пратениците ги прифатија и измените и дополнувањата на Законот за превоз во патниот сообраќај, на Законот за градежно земјиште, на Законот за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај и на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, сите во прво читање и ги даде во натамошна собраниска процедура.

Седницата на Собранието ќе продолжи по редовната пауза на пратениците со расправа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување во прво читање.