Бизнис
1. October 2015 - 19:28

Поддржан Предлог - буџетот за Собранието за 2016 година

Буџетскиот совет на Собранието на Република Македонија го поддржа Предлог-буџетот наменет за Собранието за 2016 година, кој ќе изнесува 686 милиони и 32 илјади денари. Во споредба со 2015 година буџетот изнесуваше 667 милиони денари и е зголемен за околу 19 милиони денари.

Од вкупниот буџет за 2016 година за плати се наменети 279 милиони 180 илјади денари и што е благо намалување поради завршување на обврската за исплата на апанажите од претходниот мандат. Во делот на стоки и услуги предвиден е 201 милион денари што е зголемување за 5,2 проценти во однос на минатата година. За капитални расходи, пак, наменети се 179 милиони денари и тие ќе овозможат завршување на градежните и занаетчистките работи на зградата на Собранието, како и за набавка на опрема. Само за расходи за работата на Собранието планиран е износ од 497 милиони денари што во однос на буџетот за 2015 година е зголемување од 2,6 проценти. Обезбедени се средства за нормално функцонирање на Паралментарниот институт.

Во текот на дебатата опозицијата праша дали одобрените средства содејствуваат на средствата побарани од Собранието и зошто се зголемени ставките за договорни услуги и тековни трошоци.

Генералниот секретар на Собранието Жарко Денковски истакна дека добиените средства со Предлог-буџетот се во склад со нивното барање и ги покрива потребите на институцијата. Зголемените ставки за договорни услуги и тековни трошоци појасни дека е заради организирање конференција на ОБСЕ чиј домаќин идната година, наесен ќе биде македонското Собрание, а на која се очекува учество на претставници од околу 200 држави. 

Во фокусот на опозицијата беше и можноста за отворање канцеларии на пратениците за средби со граѓани. Марјанчо Николов од СДСМ побара информација во врска со проектот за отворање канцеларии на пратениците по градовите за контакти со граѓаните и се пожали дека лично тој се уште нема добиено канцеларија. Марјанчо Николов побара од Денковски да му се обезбеди список со општини каде има проблем со обезбедување простор за канцеларии за контакт со граѓаните, со цел како што рече, во тие општини каде што не даваат или немаат простор за канцеларии да се предвидат пари тој пратеник да изнајми просторија под кирија. 

- Да не зависиме од волјата на градоначалниците... Јас осум години не можам да добијам канцеларија. Зошто - никој не може да ми објасни. Локалната самоуправа немала просторија. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и тие немаа простор, а сега добија. Се надевам дека и јас ќе добијам. Но, ако има други такви ситуации каде што има проблеми да предвидиме друго решение. Навистина е недозволиво да нема простор граѓаните да контактираат со пратениците само затоа што зависело од волјата на локалната самоуправа, рече Николов. 

Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ се надворза дека тие како партија имаат проблем со обезбедување канцеларија за контакт во општините Центар, Струмица и Куманово и при тоа се согласи дека е потребно побрзо да се пристапи кон решавање на овој проблем и да не се остави на волјата на локалната власт. 

Генералниот секретар Денковски посочи дека имаат обезбедено средства за 75 канцеларии колку што и постојат во моментов  за контакт со граѓаните, а посебна собраниска служба ги следи состојбите. Сега со враќањето на опозицијата најдоцна утре треба да добие список на канцеларии за контакт со асистенти и за пратениците од опозицијата и имаат средства за сервисирање и на овие потреби.

- Канцелариите за контакт со граѓаните не ги отвора Собранието, туку се отвораат со помош на локалната самоуправа, од каде потекнуваат пратениците која треба да обезбеди простор за канцеларија. Собранието склучува договор со асистентите за нивен ангажман кој изнесува 10 илјади денари согласно постојна одлука  и 6 илјади денари за тековни трошоци за канцеларијата, рече Денковски. Тој воедно укажа дека Македонија е лидер во регионот по број на отворени канцеларии за контакт со граѓаните, и како пример ја посочи соседна Србија каде има 27 канцеларии за контакт со граѓани. 

Пратеникот од СДСМ Горан Милевски го наметна како дилема и прашањето за бројот на асистенти на пратениците во Собранието.

- Во Европскиот парламент на секој пратеник му следат три асистенти, а кај нас на пет пратеници по еден асистент, вели Милевски според кого со повеќе асистенти пратениците ќе можат подобро да ја вршат својата работа. 

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Светлана Јакимовска истакна дека бројот на асистенти за пратениците е определен согласно Законот за Собрание за што е постигнат и консензус од сите политички партии, но за можноста нивниот број да се зголеми, рече, може да се дебатира.  

Во однос на објектот на Собранието беше информирано дека привршуваат градежните работи и заклучно со ентериерното уредување овој проект треба да заврши со фискалната 2017 година. 

Членовите на Буџетскиот совет на Собранието едногласно го усвоија и амандманот што ќе го поднесат по однос на Предлог-буџетот со кој се предвиодува пренамена на 2,5 милиони денари средства од ставката за комунални трошоци за привремени вработувања на асистенти во пратеничката група на опозицијата.

Предлог буџетот на РМ за 2016 година ќе влезе во собраниска процедура на 13 октомври.