Македонија
18. September 2015 - 15:55

Почнува „Штипската пастрмалијада“

На градскиот стадион и во наслебата „8-ми Ноември“ во Штип од вечерва почнува осмото издание на манифестацијата „Штипска пастрмалијада“.

Како што информира портпаролот на Општина Штип, Драган Ристов поставени се сцената и штандовите на 27-те угостители и три винарии.

„Пастрмалијадата“ ќе започне неофицијално по 18 часот со промоција на маскотата, а во 19.30 часот е предвидено и официјално отворање со обраќање на градоначалникот, Илчо Захариев. Веднаш потоа следи претставувањето на џиновската пастрмалија и трката во брзо јадење пастрмалии. Во музичкиот дел, вечерва ѕвезда на вечерта е фолк пејачот Јордан Митев со неговиот оркестар.

Утре на пладне е предвидена трката на келнери, а во 19 часот ќе следи прогласувањето на најдобриот штанд. Како музички имиња кои ќе ги забавуваат посетителите се штипскиот бенд Црна Тачка, македонската пејачка Калиопи и Жељко Самарџиќ, вели Ристов.  

Се очекуваат над 100.000 посетители на оваа манифестација. Угостителите велат дека воведена е и строга контрола за изгледот и квалитетот на пастрмајлиите, кои ќе се продаваат на штандовите.

Според Ристов, голем број гости од земјава и странство се очекуваат во недела, кога во 22 часот е предвиден настап на Ферус Муставоф кој ќе биде најава во концертниот настап на српската фолк пејачка Цеца Ражнатовиќ, која е ѕвезда на манифестацијата.

Општина Штип апелира штипјани да не излегуваат со своите возила, со цел да има доволно паркинг места во градот за гостите кои ќе дојдат, а ќе има и изменет режим на сообраќајот.