Македонија
26. July 2016 - 13:12

Почнува проект за „Зајакнување на правната соработка за граѓански и криминални прашања“

Консолидирање на владеењето на правото во земјата корисничка преку подобрена имплементација на меѓународните и ЕУ стандарди и препораки во областа на слободата, безбедноста, правдата и почитувањето на човековите права има за цел твининг проект „Зајакнување на правната соработка за граѓански и криминални прашања“, кој ќе се реализира во наредните осум месеци во Македонија.

Со проектот се опфатени вработените во Секторот за меѓународна правна помош при Министерството за правда, вработените во Јавното обвинителство, судовите и органите на прогон кои постапуваат по пат на меѓународна правна соработка во граѓанската и кривичната материја.

- Со овој проект ќе се зајакнат капацитетите на Секторот за меѓународна правна помош при Министерството за правда, Јавното обвинителство, судовите и другите институции кои се вклучени во взаемната правна помош во граѓанската и кривичната материја, рече денеска министерот за правда Валдет Џафери на отворањето на проектот.

Се поголемото слободно движење на луѓето и капиталот, како што истакна, покрај очигледните придобивки носи и предизвици.  - Од друга страна неспорен е фактот дека во современиот свет криминалот не познава граници. За жал, криминалците ги злоупотребуваат сите поволности, додаде министерот за правда.

Џафери нагласи дека со експанзијата на кривичните дела со странски елемент во последните децении степенот на меѓународната правосудна соработка во казнената област добива нови размери, а скапите и исклучително бавни постапки, како што рече, мора да се заменат со единствени и ефикасни постапки.

- Република Македонија ги следи сите меѓународни трендови и во граѓанската и во кривичната област. Затоа овој проект е од големо значење за нашата држава. Од една страна ќе се направи проценка колку сме усогласени со европското законодавство, а  од друга страна ќе се понудат практични решенија за евентуално подобрување на постојната правна рамка, нагласи министерот за правда.

Со овој проект, како што рече, ќе се даде значаен придинес во зајакнување и зголемување на ефикасноста на Министерството за правда и другите правосудни институции.

Проектот, кој е финансиран  од Европската унија, го спроведува холандскиот Центар за меѓународна правна соработка.